Вести Емисии Код Македонија Топ вести

Бугарска фирма влегува во македонското онлајн коцкање, но не е на Черепот

Палмсбет, Мило Борисов, Телематик Интерактив, онлајн коцкање

Рокот за пријавување на кандидати за странски партнери на државната лотарија за организирање на игри на среќа преку интернет истече пред два месеци, но од Лотарија нема ниту збор кои компании ќе го организираат коцкањето преку интернет во Македонија.

Според јавниот повик објавен на 11 септември, Лотарија бара странски партнери за основање три трговски друштва кои ќе организираат игри на среќа преку интернет.

За една од фирмите која влегува на македонскиот пазар, информацијата дојде преку Бугарската берза. Еден од најголемите играчи во бугарскиот коцкарски бизнис, компанијата Телематик Интерактив од Софија ќе овозможува македонските граѓани да се коцкаат без да излезат од дома. Во наредните 15 години, оваа фирма ќе го организира коцкањето преку компјутер или мобилен телефон од удобноста на домашните фотелји, покажува истражувањето на КОД.

Со оглед на тоа што оваа компанија е акционерско друштво кое котира на бугарската берза, тие имаат обврска да ги пријават сите ценовно чувствителни информации.

„Ве известуваме дека компанијата 77 БИТС БСЦ ДОО Битола (друштво со ограничена одговорност), регистрирано според законодавството на Република Северна Македонија, во која „Телематик Интерактив Бугарија“ АД поседува 50% од капиталот, доби тендер за добивање право на извршување онлајн обложувачка активност, организиран од Државната лотарија на Република Северна Македонија. Во согласност со барањата на локалното законодавство, 77 БИТС БСЦ ДОО Битола и Акционерското друштво за приредување игри на среќа АД – Скопје, потпишаа договор според кој двете страни ќе основаат трговско друштво, кое ќе врши онлајн обложувачки активности во Република Северна Македонија“, стои во известувањето од Телематик Интерактив до Софиската берза од 14 декември 2023.

По објавувањето на информацијата за влез на македонскиот пазар, нивните акции на софиската берза пораснаа за 2,7 отсто за една недела.

Во Државната лотарија прашавме колку фирми се јавиле на јавниот повик и дали веќе склучиле договори со странски партнери, но не добивме одговор.

Телематик Интерактив е еден од најголемите играчи на бугарскиот коцкарски пазар. Според завршните сметки, годишните приходи им се околу 100 милиони лева, или околу 50 милиони евра, и нето профит од 25 милиони лева или 12,5 милиони евра.

Тие ги поседуваат платформите за онлајн коцкање Палмсбет и ЦТ Интерактив. Сопственици на фирмата се Мило Борисов и неговата сестра Роси Мекеј. Тие се сопственици и на компанијата ЦТ Гејминг за производство на коцкарски машини. Фирмата е главен спонзор на фудбалскиот клуб Левски од Софија.

Во дел од бугарските медиуми од време навреме се појавуваат гласини за врски на Мило Борисов со подземјето, но тој не е обвинет за ништо.

Во Телематик Интерактив прашавме за нивните планови во Македонија, за бројот на вработени кој го планираат, како и за обвинувањата на опозицијата дека тендерот е наместен. Тие ни одговорија дека кај нив веќе почнале божиќните празници и многу од вработените веќе се на одмор, па на прашањата ќе одговорат по празниците.

Македонската фирма 77 БИТС БСЦ ДОО Битола е основана на 17 февруари годинава како дел од КС Групацијата, која меѓу другото ги поседува обложувалниците Евротип и автомат клубовите Голд слот клуб.

Во октомври, бугарската Телематик Интерактив откупува 50 отсто од фирмата. Останатите 50 отсто се во рацете на двајца битолски информатичари, кои имаат искуство со игри на среќа.

Директор на оваа компанија е техничкиот директор на спортските обложувалници Евротип Александар Анастасовски. Другиот косопственик е информатичарот Стефан Јончески, со искуство во развој на страници за интернет продажба.

Кои ќе бидат другите играчи во онлајн коцкањето?

Останатите две фирми кои ќе влезат на македонскиот пазар засега се непознати.

Досега, онлајн коцкање овозможуваше само Државната видеолотарија, заедничка фирма на Државната лотарија на Македонија и Казинос Аустриа. Пред еден месец, Државната лотарија почна и самостојно да организира игри на среќа на интернет.

Јавниот повик за основање нови фирми го нема на сајтот на Лотарија. Објавен е во Службен весник на 11 септември. Во новите три фирми, Лотарија ќе инвестира непаричен влог – лиценцата за приредување на игри на среќа на интернет, а странските партнери по 2,171 милиони евра за оперативни трошоци. Лотарија ќе биде сопственик на 51 отсто од новите фирми, а странците на 49 отсто.

На тендерот може да се пријават компании кои од приредување интернет (онлајн) игри на среќа оствариле приход од најмалку 40 милиони евра вкупно за последните три години, да има искуство во приредување интернет (онлајн) игри на среќа од најмалку 3 години, да има искуство од најмалку 8 години во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во 2 држави во Европа, од кои една на Балканот.

Домашните фирми реагираа дека тендерските услови се дискриминирачки и оти на овој начин може да конкурираат само странски фирми. Тие сметаат дека со предложените законски измени со кои објектите за игри на среќа треба да се оддалечат 500 метри од училиштата, ќе се уништи нивниот бизнис, а во исто време се отвораат онлајн казина.

„Додека од една страна се носи закон за затворање на индустријата и уништување на домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа, владата си го тера бизнисот со компании по своја мерка. Има ли поголема иронија од тоа“, изјави Васко Илијевски од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека тендерот е скроен за да го добијат фирми блиски до бугарското подземје, поврзани со Васил Божков Черепот.

„Тој и дури 58 негови фирми, поврзани со него, од 2021 се на црната листа на САД. Како најпознати коцкарници на интернет се 7777.бг, односно 8888.бг“, рече на 4 октомври годинава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Платформата 8888.бг е во сопственост на фирмата Топ бет. Нејзини сопственици се Денчо Ганев, Николај Николов и Румен Чандаров. Дел од бугарските медиуми пишуваат дека тие се блиски со Черепот, а други дека се дел од екипата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Засега нема информации дали оваа фирма влегува на македонскиот коцкарски пазар.

Лотарија на Македонија реагираше дека сака сериозни партнери со искуство во областа и оти домашните фирми може да се здружат со нив и заеднички да учествуваат. Според нив, тоа што над 10 фирми ја подигнале тендерската документација, а над половина од нив имаат основано фирми во Македонија, ја покажува конкурентноста на јавниот повик.

Власта ги негира овие обвинувања. Тие одговорија дека опозицијата го штити монополот на Казинос Аустриа, со противењето на пазарот да влезат и други фирми што ќе им конкурираат, а ќе бидат под капата на Државната лотарија.

„Дали некој во државата сака да штити нечиј монопол? Бидејќи сега има еден приредувач. Дали е подобро да има еден или да има четири во коишто државата има 51 процент учество? Значи, прашањето до оние коишто коментираат е дали некој штити нечиј монопол, праша премиерот Димитар Ковачевски кон крајот на септември годинава.

Кој е Черепот?

Васил Божков Черепот до 2020 година беше најголемиот коцкарски бос во Бугарија и еден од најбогатите луѓе во земјата. Тогаш, специјалното обвинителство во Бугарија отвори истрага за затајување данок и ги товареше дека не ѝ платил на државата 560 милиони лева, или околу 280 милиони евра за неговите лотариски игри преку Национална лотарија и Лотарија Бугарија. Тој беше истиснат од пазарот со законските измени со кои државата го врати монополот врз лотариските игри. Потоа беа поднесени обвиненија за организирање криминална група со цел изнуда, принуда, даночни прекршоци, перење пари, па подоцна и за убиство. Божков избега во Дубаи. Од таму, преку Фејсбук тврдеше дека го местат и оти владата на Бојко Борисов го рекетирала и земала 20 отсто од профитот. Во 2021 година, беше ставен на американската црна листа поради учество во корупција. Во август годинава тој се врати во Бугарија, за, како што рече, да си го исчисти името.

Најголеми играчи на бугарскиот коцкарски пазар сега се браќата Цветомир и Бојан Најденови преку нивната фирма Ефбет. Тие се поранешни партнери, а подоцна жестоки противници на Божков.

Најголем бугарски производител на софтвер и коцкарски машини, кој доминира и на македонскиот пазар е бугарската фирма Евро гејмс технолоџи, која се поврзува со Валтер Папазки, кој во 2006 година беше осуден на 10 години затвор за убиство.

Големата бугарска коцкарска тројка се заокружува со Мило Борисов, кој веќе влегува на македонскиот пазар.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе