Вести Најважни Свет

Преговори со Украина и со Молдавија, кандидатски статус за Грузија, БиХ остана во чекална

Почеток на пристапни преговори со Украина и со Молдавија, кандидатски статус за Грузија. Ова се одлуките кои ги аминуваа лидерите на земјите членки на Европската Унија. Прв ги објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на платформата Икс, по него ги потврди и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Босна и Херцеговина останува во чекалната за Брисел се додека не се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Засега не се познати детали за одржување на првата меѓувладина конференција со властите во Киев и во Кишињев, ниту кога ќе бидат усвоени преговарачките рамки со двете земји.

По објавата на Мишел, се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој порача дека одлуката е победа за Украина и за Европа, но и дека е донесена одлука која „мотивира, инспирира и зајакнува“. Одлуката ја поздрави и претседателката на Молдавија, Маја Санду која истакна дека нејзината земја ќе покаже дека е дорасната на предизвикот. Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, ја оцени одлуката како стратешка, а денешниот ден ќе биде запишан како голем во историјата на Унијата.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја напушти просторијата кога се носеше одлуката за отворање на пристапни преговори со Украина. Набрзо потоа и самиот се огласи преку Фејсбук и го повтори ставот на официјална Будимпешта дека Украина не е подготвена за преговори.

„Речиси осум часа бевме на преговарачка маса на самитот овде во Брисел. Водевме голема расправа за членството на Украина во Европската Унија. Ставот на Унгарија е јасен: Украина не е подготвена да започне преговори за членство со Европската унија. Потполно е бесмислена, ирационална и погрешна одлука да се почнат преговори со Украина во овие околности. Унгарија не сака да има удел во оваа лоша одлука и затоа не учествуваше во нејзиното донесување“, напиша Орбан на Фејсбук.

Орбан смета дека парите од ЕУ фондовите се потребни за земјите членки, а Украина да се помогне со средства надвор од планираниот буџет. Дополнително тврди дека во завојуваната Украина владее корупцијата, а изрази загриженост и за тоа дали ќе се смени администрацијата во Вашингтон. Иако, листата на поплаки од Орбан е долга, ЕУ блокот сепак стоеше на ставот дека некаков договор мора да се постигне, па дури и разговорите да продолжат во текот на викендот.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бегалците од кондовската група упасени во Урошевац имаат и косовски пасоши?

Дејан Дејан

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

Дејан Дејан

Од утре стартува гласањето за двојните избори, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе