Вести Македонија Топ вести

Препукувања: ВМРО-ДПМНЕ е партија на лажен барок, Јакимовски штанца маркици за згради

ВМРО-ДПМНЕ е партија на лажен барок и не очекував да гласаат за модерен урбанистички план како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија или Белград. Ова е реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако советничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесе над 4.000 амандмани на општинскиот буџет, за да спречи донесување на ДУП-от за просторот на поранешната фабрика Алумина, како и на ДУП-овите кај Млечен ресторан или Влае. На прес-конференцијата одржана зад седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, Јакимовски вели дека токму нивното партиско седиште е симбол на бетонско чудовиште.

„Зборуваат за бетонски чудовишта, а што е ова зад нас ако не е бетонско чудовиште и кое претставува најголема бетонизација на квадратен метар во Република Македонија. Сите ние овде се сеќаваме на едно мало зградиче на два ката, едно жолто зградиче со мало дворче. Гледате ли сега во какво бетонско чудовиште ова се изроди, каде готово целата парцела е искористена да се изгради ова седмокатно чудовиште“, вели Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.

На јавната презентација на ДУП-от, граѓаните се жалеа дека и сега нема каде да се помине зад Алумина, а камоли кога ќе се изгради цела населба.

„Дали сте виделе дека човек со попреченост не може да помине со својата количка таму, затоа што нашите соседи од веќе изградените згради се паркираат на улица“.

„Пет канти за ѓубре, контејнери, не знаат кај да ги стават, нема место. За пет контејнери се зборува на улица Прашка“, реагираа граѓаните.

На улица Прашка, зад Алумина, и сега е хаос. Коли паркирани на сите тротоари. Децата се враќаат од училиште по среде улица.

Преполни контејнери меѓу паркираните коли. На задоволство на маалските мачки.

Куќите наспроти десеткатниците и сега едвај го гледаат сонцето. Стравуваат како ќе биде ако се направат 35-катници.

Преполно со паркирани коли покрај тарабите на Алумина, а таму допрва треба да се гради.

Јакимовски вели дека овој план ќе ги реши проблемите.

„Покрај 2500 паркинзи за резидентите во тој кварт, ќе има уште 1000 паркинг места кои им се ставаат на располагање на граѓаните на Карпош. Тоа значи дека целото паркирање на таа територија ќе биде решено“, вели Јакимовски.

ВМРО-ДПМНЕ одговори токму од пред седиштето на ГРОМ на Јакимовски.

„Изговорот дека зад ДУП-от се кријат нови паркинг места е само блед обид да се протне бетонското чудовиште кај Алумина. Јакимовски единствен интерес кој го има е штанцање на што повеќе маркици за згради на нему добро познати инвеститори“, обвини советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош, Адријана Јакимовски Панчевска.

Земјиштето кај Алумина го купи компанијата Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ во 2020 за 18 милиони евра, односно 24 милиони евра со сите давачки. Фирмата сега си нарача урбанистички план за просторот на кој сака да гради станбено-деловен комплекс.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Молдавија на 20 октомври референдум за ЕУ и претседателски избори

Дејан Дејан

Пукање кај израелската амбасада во Стокхолм, уапсено е 14-годишно момче

Дејан Дејан

Не стивнуваат страстите во соседна Грција по инаугурацијата на Силјановска Давкова, Мицотакис со порака до Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе