Вести Емисии Код Македонија Топ вести

Црногорецот Дака и косовски бизнисмен купиле две села во штипско, ќе градат фотоволтаици

Хронос сум и Алба енерги груп купиле по над 900 хектари земја во штипските села Јамуларци и Скандалци

Владата донесе урбанистички план за подрачја и градби од значење за државата со кој на фирмата Алба енерги груп, во сопственост на косовски бизнисмен, ѝ овозможи да гради фотоволтаична централа од 200 мегавати во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци. Владата се фалеше со многу помали најави за инвестиции, но овој урбанистички план го донесе молчешкум.

Што имаат заедничко контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ и стадата  овци покрај Брегалница?

Одговорот е – токму пасиштата во напуштеното штипското село Скандалци. Имотот на 20-тина километри до Штип е во сопственост на Дака. На овците тоа не им пречи.

Според податоците од Катастарот, овие имоти ги купила фирмата Хронос сум ДООЕЛ Скопје во август 2015 година. Фирмата Хронос сум е основана само три месеци претходно. Сопственик е компанијата Нексан ДОО од Никшиќ во Црна Гора, со основачки влог од 1 милион и 30 илјади евра. Сопственик на Нексан е токму Миодраг Давидовиќ, покажуваат податоците од Црногорскиот бизнис регистар. Управител на македонската фирма Хронос сум е директорот на Нексан Бранко Рудовиќ. Фирмата Хронос сум во 2016 година преминува во сопственост на офшор компанијата Адастра груп од Панама, за во 2021 година повторно да се врати во рацете на црногорската Нексан.

Во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци, фирмата на Давидовиќ поседува над 9 милиони квадратни метри земјиште, односно над 900 хектари или девет километри квадратни. За илустрација, скопската општина Чаир од Мавровка до Скопје Север и од Парк шумата Гази Баба до Касарната Илинден има 3,5 квадратни километри. Значи дека Дака поседува 2,5 пати поголем имот од најмалата скопска општина.Миодраг Дака Давидивиќ купил имот 2,5 пати поголем од скопската општина Чаир

Со тоа, контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ е еден од најголемите земјопоседници во Македонија.

Американската влада пред две недели го стави Дака на црната листа. Стејт департментот наведува дека Давидовиќ со години перел пари за криминални организации, и оти неговите коруптивни активности ѝ овозможиле на Русија да ја компромитира независноста на црногорските институции и да влијае на изборите.

„Тој исто така беше вмешан во скандалот кој доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Северна Македонија Драги Рашковски, десна рака на поранешниот премиер Зоран Заев. Рашковски наводно примил мито од Давидовиќ за да обезбеди средба со премиерот Заев за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ“, стои во образложението на американскиот Стејт департмент.

Имотите на Дака во штипско првпат се споменуваат во нелегално снимен разговор меѓу Давидовиќ и македонскиот бизнисмен Зоран Милески Кичеец, објавен на јутуб во 2020 година. Според разговорот, Дака дал 300 илјади евра и 2000 квадратни метри имот за посредување кај премиерот Зоран Заев за своите бизниси во Македонија. Разговорот веројатно е воден во 2018 година, затоа што Дака се сомнева дека „треба да го финансира“ референдумот за промена на името за неговите бизниси во Македонија да мрднат од мртва точка.

По бројните медиумски објави и обвинувањата од опозицијата, Давидовиќ тогаш се огласи со отворено писмо во кое тврдеше дека не се работи за мито, туку дека му дал на Кичеец 300 илјади евра за да го ангажира како „консултант, преговарач и посредник“ за деловните проекти кои сакал да ги реализира во земјава. Со оглед дека се работи за милионски проекти, 300 илјади евра не се многу пари, тврдеше тој, додавајќи дека парите ги дал уште додека премиер бил Никола Груевски.

„Како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект“, напиша пред три години Давидовиќ.

Ви писмото, тој се жалеше дека Милески не му завршил никаква работа и оти парите во Македонија му останале заробени.

Милески во 2019 беше осуден на 3 години затвор во случајот Рекет, заедно со сопственикот на 1 ТВ Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Тие беа осудени дека го рекетирале бизнисменот Орце Камчев, за олеснување на неговиот статус како осомничен и притворен во истрагата на СЈО „Империја“.

Според информациите на Код, посредници на Дака се распрашувале во Општина Штип за условите за градење фотоволтаична централа пред една година, ама потоа „ги снемало“. Фирмата Хронос сум сè уште нема деловна активност.

„Ние не знаеме фотоволтаиците каде се градат. Тоа го гледаме откако некој ќе поднесе барање. Оваа компанија којашто вие ја кажавте досега во Регулаторната комисија за енергетика не се обратила за да побара лиценца за производство на електрична енергија од фотоволтаик, од ветер, мала хидроелектрана или некоја друга дејност“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Со оглед на ставањето на американската црна листа, сега е неизвесно дали воопшто Дака ќе добие дозвола да ги гради електроцентралите.

„Назначувањата кои ги видовме досега, корупцијата нема тенденција да остане во една држава. Балканот е област која е многу поврзана и секако тоа го видовме и со назначувањата тука, но мислам дека една од важните поенти кои ги нагласивме во нашата објава минатиот четврток, кога беа објавени назначувања, е дека со кого правите бизнис, може и ќе ве погоди и вас и вашето семејство, дали се во оваа земја, или на друго место во регионот“, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.

Ќар од земјиштето на Дака засега имаат само локалните стада.

Сопственици на бензински пумпи во Косово купиле имот колку Дака, владата им одобри урбанистички план за фотоволтаици

Непосреден сосед на Давидовиќ во штипско е фирмата Алба енерги груп ДООЕЛ од Скопје, во сопственост на фирма од Косово. Тие веќе урбанизираа површина од над 7 милиони квадратни метри. Владата донесе урбанистички план, според кој е предвидено на таа површина да се градат фотоволтаични електрани. За имотот на Дака, сè уште нема одлука.

Последните жители ги напуштиле селата Јамуларци и Скандалци пред шест децении, покажуваат пописните резултати. Гугл мапс покажува дека до овие две села покрај Брегалница нема пат. Од селото Пенуш, до овие две напуштени села води земјен пат по кој се поминува само со теренско возило. Кога ќе заврне, земјата покрај Брегалница станува многу каллива па ни џиповите не се доволни.

Сепак, тоа не им пречело на сопствениците на скопската фирма Алба енерги груп во 2021 и 2022 година да купат речиси исто парче земја колку Дака. Имотот е купен од луѓе кои го добиле со денационализација. Во Општина Штип ни рекоа дека само од данок на промет со недвижности наплатиле 15 милиони денари, односно околу 250 илјади евра. Со оглед на тоа што данокот на промет на недвижности е 3 отсто, излегува дека општината го проценила овој имот на над 8 милиони евра. Но, тоа не значи дека бил продаден за толку.

Катастарските податоци покажуваат дека Давидовиќ и Алба енерги груп поседуваат по половина од двете села.

Хронос сум и Алба енерги груп купиле по над 900 хектари земја во штипските села Јамуларци и Скандалци
Хронос сум и Алба енерги груп купиле по над 900 хектари земја во штипските села Јамуларци и Скандалци

Фирмата Алба енерги груп била основана во септември 2021 година со основачки влог од 5000 евра. Сопственик бил Насер Садику. Од јуни годинава фирмата преминува во сопственост на Флетон Садику, кој е и управител.

Според податоците на косовската Агенција за регистрирање бизниси, Насер Садику е сопственик на фирмата Албапетрол груп од Витина. Флетон Садику, пак, е сопственик на градежната фирма Алба билдинг, која има седиште на иста адреса во Витина како Албапетрол груп. Дури и е-маилот за контакт на Алба билдинг е на име Албапетрол.

Албапетрол

За разлика од Дака, Косовците имале повеќе среќа. Владата за нивниот имот пред два месеци донесе Одлука за донесување на урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за површински соларни и фотоволтаични електрани (над 10 МW) во Катастарска општина Јамуларци и Катастарска општина Скандалци, со кој на земјиштето на Алба енерги груп од околу 750 хектари се предвидува изградба на фотоволтаична централа од 200 мегавати. Околу 150 хектари им остануваат надвор од урбанистичкиот план.

По е-маил им испративме прашање кога планираат да почнат со градба, и како планираат да ја финансираат изградбата, со оглед дека се работи за инвестиција од стотици милиони евра, кои фирма со нивна големина ги нема, но не добивме одговор.

Алба енерги груп го запишува имотот во Катастар во февруари 2022 година. Министерството за транспорт и врски носи решение за Услови за планирање на просторот за 430 хектари во декември 2021, а во мај 2022 го проширува за уште 304 хектари за вкупна површина од 734 хектари.

Алба енерги груп си нарачува Урбанистички план од архитектонско биро од Штип, кој е готов во декември 2022. На почетокот на оваа година, Министерството за транспорт и врски повикува на јавна расправа за планот, која трае до февруари годинава. Одлуката за урбанистички планови за подрачја и градби од државно значење ја носи владата, а не локалните власти, кои само треба да дадат мислење.

Општина Штип дала позитивно мислење. Градоначалникот вели дека секој прилив во буџетот им е добредојден.

„Најпрво добивме приход од данок на промет, очекувам по основ на комуналии, и веќе кога ќе биде изграден проектот да се оданочи со данок на имот. Станува збор за едно необработливо, нефункционално практично земјиште, коешто на овој начин би се овозможило општината да генерира приход. Не можам и не сум компетентен да го коментирам влијанието на овој проект врз животната средина, но си има релевантни институции коишто ќе кажат и ќе дадат позитивно или негативно мислење по однос на ова. Од аспект на урбанистичко планирање ги задоволува условите за соодветната согласност којашто е дадена. Дополнително што самото земјиште е необработливо, не е земјоделско земјиште. Тоа е она што ние го согледуваме, категоријата на земјата и можноста за урбанистичко планирање, вели градоначалникот на Штип Иван Јорданов.

Владата ќутенката го донесе урбанистичкиот план

На владината седница одржана на 19 септември годинава, Владата донесе одлука за донесување на урбанистичкиот план, која беше објавен во Службен весник на 27 септември. Одлуката ја потпишува вицепремиерот Артан Груби.

Иако се работи за Урбанистички план кој го отвора патот за огромна инвестиција во енергетиката од 200 мегавати, што е моќност скоро колку еден блок од РЕК Битола, Владата го премолче донесувањето на одлуката. Претходно, владата се фалеше и се сликаше со многу помали инвестиции.

Во соопштението по 186 седница на Владата, одржана на 19 септември 2023 година, се наведува дека владата донела одлука да ги замрзне цените на основните прехранбени производи, ја усвоила Информацијата за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност, го разгледала Предлог законот за амнестија, и оти го задолжила Инспекцискиот совет итно да преземе мерки за решавање на статусот на општинските даночни инспектори. За Урбанистичкиот план ниту збор во соопштението. Во Службен весник е објавен со потпис на вицепремиерот Артан Груби.

Алба енерги груп сè уште не побарала лиценца за изградба на електрана од Регулаторната комисија за енергетика.

Стратешкиот партнер на Заев пропадна, на сцена дојдоа Косоварите

Владата и претходно имаше обид за давање дозвола за електрана на овие локации. На седницата одржана на 28 декември 2021 година, беше донесена Одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект „Фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци“ на фирмата Промарк енерџи ДООЕЛ Скопје. Одлуката беше со потпис на тогашниот премиер Зоран Заев. Тогаш владата се фалеше дека електраните ќе бидат со моќност од 280 мегавати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра.

Неполна година подоцна, на 25 ноември 2022 година владата донесе одлука за престанок на важноста на одлуката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект за Промарк енерџи. За разлика од фалењето кога му го додели на Промарк енерџи стратешкиот инвестиционен проект, за седницата кога му го укина нема никакво соопштение. Одлуката е со потпис на вицепремиерот Артан Груби.

Фирмата Промарк енерџи беше основана на 20 октомври 2021 година со основачки капитал од 5 илјади евра. Сопственик и управител беше турскиот државјанин Мехмет Нежат. Основачкиот капитал не ветуваше дека се работи за човек кој може да обезбеди 180 милиони евра. Во октомври годинава фирмата пропадна.

На сцена во меѓувреме стапи Алба енерги груп.

Еколозите имаат забелешки – Долна Брегалница предложена да се заштити како Споменик на природата

Областа Долна Брегалница, каде што се наоѓаат имотите на Миодраг Давидовиќ Дака и на косовската Алба енерги груп е предложена да се заштити како Споменик на природата, поради биодиверзитетот и почвените карактеристики. Имено, таму има панонски солени степи и солени мочуришта, единствени такви на Балканот. Сепак, и покрај забелешките на еколозите, владата го донесе урбанистичкиот план за подрачја и градби од посебно значење за државата, со што на косовската фирма Алба енерги груп ѝ го отвори патот да изгради фотоволтаична централа од 200 мегавати.

Невладината организација Еко-свест на јавната расправа за планот имаше забелешки. Тие забележаа дека Урбанистичкиот планот е правен врз основа на Просторен план кој не би во важност, односно важел до 2020 година. Голем дел од подрачјето е предложено за заштита, и не била донесена стратегиска оцена.

Министерството за транспорт и врски соопшти дека одлучиле да не се спроведува стратегиска оцена зашто фотоволтаичните централи не претставуваат значителни извори на емисии, кои може да го нарушат квалитетот на животната средина и здравјето на луѓето.

Во Министерството ни одговорија дека се запазени сите законски одредби во давање на согласност за овие планови.

„Притоа во постапката за донесување на планот е прибавено мислење од МЖСПП, кое е позитивно и оттаму не информираат дека нема пречка за донесување на планот од аспект на животната средина. Ако имало пречка за донесување на планот, тогаш МЖСПП имаат надлежност тоа да го наведат во нивното мислење, впрочем затоа и се прибавуваат мислења од институциите во постапката за донесување на план за да се произнесат од аспект нивните надлежности“, велат во Министерството за транспорт и врски.

Срѓан Стојанчов

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе