Вести Македонија Топ вести

Пеевме и гиневме за да расчистиме со фашизмот, се присетуваат борците – Скопје денеска одбележува 79 години од ослободувањето

Ние имавме сила да издржиме, затоа што голема беше волјата да бидеме слободни. Со песна и радост бевме дел од партизанските движења. Свеста беше на највисоко ниво дека треба да се расчисти со фашизмот, се сеќава 99-годишниот Методије Конески.

„Тоа беа тешки маки наши, кога нашите родители овде нѐ посетија рекоа дали си ти тој Методија или не. Не личевме на ништо, затоа што тешки беа нашите походи и гладни и боси посебно по Македонија. Ние гиневме и пеевме. Кај нас немаше двоумење, само напред, нема назад“, изјави Конески. 

„Денес со гордост велиме дека пред 79 години народот организирано застана на страна на прогресивниот антифашистички свет. Со пушка в рака се избори за својата слобода, самостојност и самобитност за признавање на кодифициран македонски јазик“, рече Наум Буревски, потпретседател на Сојуз на борци.

Владина делегација им оддаде почит на борците кои ги положија своите животи и ја извојуваа слободата. Со голем број пригодни свечености, Скопје го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето.

„Би сакала да ви се заблагодарам од срце. Прво затоа што директно сте имале учество во ослободувањето на нашето Скопје и нашата Македонија, понатаму затоа што секој ден нѐ учите како се сака овој град, како се сака оваа држава и тоа што ни давате конкретни предлози за што е она што треба да го направиме за иднината да ни биде уште посветла од она кое што го имаме денес“, истакна Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје. 

Во денешните пригодни говори, речиси, воопшто и не можеше да се слушне за сето она што е Скопје денес и со кои предизвици се соочува. Најмладите генерации, пак, преку интерактивна работилница стекнуваа нови знаења за историјата и развојот на градот, преку запознавање со симболите на старо Скопје,  Железничката станица, Пионерскиот дом „Карпош“, ресторанот „Кермес“ и Куршумли Ан.

„Тука е многу интересно како прво било хотел, па затвор.Колку е убава историјата на овој град во кој живеам, а не сум знаел до сега“, изјави Калин Јанев, ученик во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

„Научив за Железничката станица. На пример, дека часовникот престанал да работи кога започнал земјотресот, најголемиот земјотрес во Скопје“, рече Ана Здравковска- ученичка во ОУ „ Гоце Делчев“.

Работилницата ја организира Дирекцијата за култура и уметност.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронајдено тело на мртва девојка во Штип

Дејан Дејан

Осигурителните компании не ги вратија старите пониски цени на полисите за возилата, денеска нов состанок во финансии

Дејан Дејан

На полноќ истекува рокот за пријавување на болните и изнемоштените за гласање на изборите на 8 мај

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе