Вести Свет Топ вести

Италија ја враќа контролата на границата со Словенија поради закана од тероризам, на ред е Словенија со гранични контроли кон Хрватска и Унгарија

Италија објави дека ќе го суспендира договорот за отворена граница со соседна Словенија, поради зголемената закана од тероризам во Европа и конфликтот на Блискиот Исток. Словенечкото МВР веќе добило известување од Италија, а неформално се најавува дека наскоро би можело да се воведат контроли и на словенечко-хрватската граница.

Според неофицијални информации, контролите треба да се воведат во сабота, првично за десет дена, со можност за продолжување. Десничарската влада на италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти и дека антитерористичкиот комитет на МВР ја испитува ситуацијата и дека тоа ја „потврдува неопходноста“ од зајакнување на италијанската граница.

Италија и Словенија се меѓу 26-те земји кои припаѓаат на Шенген зоната, најголемата зона за слободно патување во светот. Словенечкиот и италијанскиот министер за внатрешни работи се согласни дека западнобалканската рута може да биде атрактивен коридор за потенцијална радикализација. Поради миграциски притисок, но и поради ситуацијата на Блискиот Исток, неколку земји неодамна воведоа или одлучија да ги прошират контролите на внатрешните граници на Шенген.

Австрија, која воведе контроли на границата со Словенија и Унгарија во 2015 година во екот на бегалската криза, во понеделникот ја извести Европската комисија за новото продолжување на таа контрола, од 12 ноември годинава до 11 мај следната година.

Австрија денеска воведе контрола и на границата со Чешка. Одлуката следи откако Германија воведе гранични контроли со Чешка, Полска и Швајцарија поради илегалната миграција. Контроли на внатрешните шенгенски граници вршат и Данска, Франција, Норвешка и Шведска.

Повторни привремени контроли на внатрешните граници на Шенген зоната можат да воведат земјите само во случај на сериозна закана за јавниот ред или внатрешната безбедност и за тоа мора да ја информираат Европската комисија.

Повторното воведување на контролите, според правилата на Шенген, може да биде само последна мерка во исклучителни случаи, при што земјите мора да го почитуваат принципот на пропорционалност.

Времетраењето на таквото привремено повторно воведување на контролите на внатрешните граници е временски ограничено, во зависност од правната основа на која се повикува земјата-членка која ги воведува контролите.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе