Вести Свет Топ вести

Египет најави отворање на граничниот премин Рафа и договор за прекин на огнот, Израел демантира, Хамас нема информации

Спротивставени информации за отворање на граничниот премин Рафа, единствениот меѓу Газа и Египет кој не е под контрола на израелските сили. Половина час по објавата од египетски безбедносни извори дека е постигнат договор за прекин на огнот во јужниот дел на енклавата, се огласија од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од каде соопштија дека „нема примирје и хуманитарна помош за Газа во замена за извлекување на странски државјани од Појасот“. Во меѓувреме се јавија и од милитантната група Хамас од каде е речено дека немаат информација за договор за прекин на огнот, ниту пак добиле известување од египетска страна за отворање на преминот.

Најава за отворање на граничниот премин дојде и од американскиот државен секретар, Ентони Блинкен. Тој викендот беше во Каиро на разговори со египетскиот претседател Абдел фатах ел Сиси во рамки на напорите на администрацијата на Бајден да спречи војната меѓу Израел и Хамас да прерасне во поширок регионален конфликт.

Во апелите до Хамас за ослободување на заложниците и до Израел да обезбеди итен хуманитарен пристап до Појасот Газа се придружи и генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш. Според него, Блискиот Исток е на раб на бездна, а организацијата има залихи на вода, храна, гориво, медицински производи и непрехранбени производи во Египет, Јордан, Израел и на Западниот Брег кои би можеле да се испратат во Газа во рок од неколку часа за ублажување на лошата состојба.

Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел за утре во Брисел најави состанок на лидерите на Европската Унија на кој блокот ќе направи проценка на ситуацијата во Израел и во Газа и ќе дефинира заеднички став за војната.

Израелски воени претставници тврдат дека Хамас држи 199 лица во заложништво во Појасот Газа. Според портпаролот на одбранбените сили на Израел, Даниел Хагари, милитантната група и натаму го спречува цивилното население да се евакуира од северниот дел на Појасот Газа. Агенцијата за бегалци при Обединетите нации соопшти дека во Газа се раселени над еден милион луѓе додека енклавата веќе петти ден е без струја. Од таму предупредија дека здравствениот систем е пред колапс, се влошува снабдувањето со храна, а цивилите се соочуваат и со ограничен пристап до вода за пиење.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе