Балкан Вести Македонија Најважни

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Ако смета дека е прекршен Преспанскиот договор, нека отвори постапка пред Меѓународниот суд, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по грчките пораки дека со заклетвата на претседателката Силјановска е прекршен договорот од 2018-та година потпишан меѓу двете држави во Преспа.

Мицкоски најави дека и тој и  претседателката Силјановска-Давкова ќе ги користат термините “Македонија” и “македонски” во јавните настапи, а институциите ќе комуницираат согласно Преспанскиот договор за кој нагласи дека е реалност, но дека не се спроведува од двете страни на границата.

-За разлика од таму, Преспанскиот договор тука е дел од македонските институции, дел од македонскиот Устав и закони. Многу пати во минатото сме кажале дека тоа е реалност. Комуникацијата внатре во институциите и самите институции остануваат согласно законите и Уставот, но мое основно човеково право е како јас мојата држава ќе ја нарекувам. И додека давам изјави и кога се обраќам кон вас новинарите и јас, а очекувам и тоа да биде начин на однесување на претседателката Силјановска, да се користат името „Македонија“ и придавката „македонски“, рече Мицкоски.

Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис (претседател на партијата Нова Демократија) во ТВ интервју предупреди дека непочитувањето на Преспанскиот договор ќе влијае и на патот за членство во ЕУ.

-Ја предупредив и новата Влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од Договорот секако ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа, рече Мицотакис.

Наумовски: Потегот на Сиљановска не го прекршува преспанскиот договор

Но, Мицкоски пак оцени дека Преспанскиот договор не е прекршен, а на неговите изјави реагираше и СИРИЗА, грчката политичка партија која ја водеше владата во Атина кога беше потпишан договорот. СИРИЗА со осуда за изјавите во Скопје побара преку соопштение “почитување на меѓународното право”.

Од СИРИЗА велат дека „сакаат да го потсетат (Мицкоски) на принципот на меѓународното право „pacta sunt servanda“ (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат), како и на предвидените санкции што произлегуваат од меѓународното право при континуираното прекршување на Договорот од Преспа“.

Потсетуваат и дека Договорот е предуслов за членство на Северна Македонија во Европската Унија и паралелно упатуваат апел, но и критики до актуелната грчка Влада.

-Ја повикуваме Владата на Мицотакис да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот од Преспа и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото раководство на Северна Македонија ќе се соочи со својата одговорност пред меѓународната заедница доколку продолжи да го прекршува Договорот, пишува во соопштението од СИРИЗА.

Според грчката опозициска партија, владата на Нова Демократија сноси одговорности поради „нејзината неодговорна надворешна политика“, бидејќи, како што посочуваат не направила ништо во одредени области како што се ратификација на меморандумите и свикување на Високиот совет за соработка, но и „не изврши притисок за да гарантира дека Северна Македонија ќе ги спроведе своите обврски за учебниците, трговските марки, пасошите и регистарските таблици“.

-Навистина е жално што Договорот што го постигнаа прогресивните сили во Грција и Северна Македонија, кој е споменик на соработка и разбирање за цела Југоисточна Европа, се доведува во сомнеж од двете сестрински партии во ЕПП, со цел да ги привлечат националистичките публики, тактика која низ времето ја хранеше омразата меѓу балканските народи, соопштуваат од СИРИЗА.

Мицотакис и партијата Нова демократија одбија да ги ратификуваат меморандумите кои произлегуваат од Преспанскиот договор поднесени токму од СИРИЗА.

Мицкоски во денешната изјава пак посочи дека не треба да има опструкции туку соработка.

-Да престанеме со закани со опструкции, да престанеме со враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ова се документи коишто се дел од правото. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор тогаш постои Меѓународен суд за правда. Можат да отпочнат процес и таму ќе ги вкрстиме едните и другите аргументи. Јас не би сакал до тоа да дојде, рече Мицкоски.

Непостапување по Договорот од Преспа ќе ве чини европски пат – Грција со предупредување до идната македонска влада

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Струмичанка измамена за повеќе од 8 000 евра

Дејан Дејан

СДСМ се подготвува за внатрепартиски избори

Дејан Дејан

МВР потврди: Причина за смртта на Андонов е пад од покривна конструкција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе