Вести Најважни Свет

Силен земјотрес во историскиот марокански град Маракеш и околината, бројот на загинати надмина 1.000

Бројката на загинати се искачи на 1.037 жртви додека траат спасувачките напори за пронаоѓање на преживеани под урнатините на мароканскиот град Маракеш и повеќе други градови во пет провинции на Мароко, кои синоќа околу 23 часот беа погодени од разорен земјотрес.

Епицентарот на земјотресот бил 18 километри под површината на Земјата во регионот на Високиот Атлас, на околу 70 километри јужно од Маракеш, во близина на Тубкал, највисокиот врв во Северна Африка, со јачина од 6,8 степени според Рихтер, јавија светски сеизмички агенции.

Земјотресот беше најтешкиот што го погоди Мароко во последните 120 години, уривајќи згради и ѕидини на древните градови, про што особено големи штети претрпе Маракеш, град заштитен како светско наследство на УНЕСКО.

Еден од најпознатите плоштади во Мароко, Џемаа ел Фнаа, беше оштетен а делумно е разурната истоимената историска џамија.

За големи штети и засега непознат број на жртви се јавува особено од планинските предели на Мароко, каде спасувачките екипи тешко се пробиваат низ локалните патишта до најпогодените оддалечени планински села, поради одрони на карпи.

Извештаите зборуваат за многу загинати и ранети во селото Мулај Брахим, сместено на планинска падина јужно од Маракеш, кое од ноќва е целосно непогодно за живеење откако ѕидовите на куќите се урнаа и десетици домови се претворија во купишта бетон и свиткани метални столбови. Локален жител непосредно по земјотресот синоќа преку видео-порака на социјалните мрежи апелираше за помош.

„Куќите се урнаа врз луѓето. Луѓето овде многу страдаат. Нам ни требаат амбулантни возила. Ве молиме испратете ни амбулантни возила во Мулај Брахим. Работата е итна. Има земјотрес во центарот на Мулај Брахим. Се урнаа куќи. Има повредени. Се надеваме на итна интервенција од надлежните. Нема мрежа. Се обидуваме да се јавиме, но безуспешно“, апелираше Ајуб Тудит, жител на селото Мулај Брахим.

Светските агенции јавуваат дека жителите на Маракеш и другите погодени населби, разбудени од земјотресот истрчале на улиците во ужас и неверување. Државната телевизија прикажа луѓе групирани на улиците на Маракеш доцна во ноќта, плашејќи се да се вратат во зградите.

„Одевме на работа во ноќна смена. Кога слушнавме за земјотресот, истрчавме надвор, но ѕидот ми падна на глава. Потоа дојдовме во болница“, изјави жител на градчето Чичауа.

 „По Иша молитвата отидовме да спиеме, но по неколку секунди го почувствувавме земјотресот и излеговме од куќата, а потоа целата куќа беше уништена“, изјави друг жител на истиот град.

Во 1960 година, земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер го погоди мароканскиот град Агадир и предизвика илјадници жртви. Оваа катастрофа поттикна промени во правилата за градба во Мароко, но многу згради, особено руралните домови, повторно не се градени за да издржат такви потреси.

Сочувство со мароканскиот народ изразија и голем број светски лидери, кои понудија помош на мароканската влада во справување со последиците од земјотресот.

Југослава Дуковска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе