Вести Економија Македонија

И обвинителството да расветлува шеми во набавката на мазут- бара антикоруционерот Трпеноски по сомнежите колку мазут испорачува РКМ за ТЕЦ Неготино

Обвинителството мора да се вклучи и заеднички да работиме на предмети кои се поврзани со системска корупција, а не да остане само на истраги за мигранти или марухиана, потенцираше членот на антикорупциска комисија Горан Трпеноски кој побара обвинителството да се заинтересира и за набавка на мазутот во вредност од 280 милиони евра за ТЕЦ Неготино.  Во овој случај ДКСК Прво ќе ја проверува дали фирмата РКМ ги исполнувала условите од договорот со ЕСМ. Ако не ги исполнила, РКМ не требало да добие нов договор за продажба на мазут и требало да и биде наплатена банкарската гаранција, објасни Трпеноски.

Во канцеларијата на антикорупционерот Горан Трпеноски, купот со документи за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино постојано расте.

Во дваесетина кутии пристигнале фактурите над 8 илјади на број, за секоја цистерна испорачана во електраната по мултимилионските договори на ЕСМ и добавувачот РКМ, чии сопственици се Ратко Капушевски од Скопје и Ерџан Сулкоски од Пласница.

Трпеноски вели дека сега ќе се проверува дали се е на број или фалат документи, дали се веродостојни и најбитното дали продавачите го исполниле условот за редовна испорака на мазут.

-Во едниот тендер предвидени се дневно да се испорачуваат по 1.200 тони мазут. За таа операција  потребни се 60 до 80 цистерни. Во Македонија има 25 до 30 цистерни, значи треба да доаѓаат од странство. Значи за таа операција треба фирмата да биде стабилна, да има барем минимум такви цистерни, а фирмата која го има добиено тој оглас- нема баш толкав капацитет, изјави Горан Трпеноски, член на ДКСК, за ТОП Тема на Телма.

Двата договори меѓу РКМ и ЕСМ се во вредност од 280 милиони евра, а доколку РКМ не испорачувал дневно по минимум 1200 тони мазут тогаш според Трпеноски договорот требало да се прекине и да се наплати банкарската гаранција.

А доколку имало пропуст на првата набавка, ЕСМ не требало да склучи нов договор со РКМ, објасни во ТОП Тема на Телма, антикорупционерот и побара и обвинителството да се вклучи во истражувањето.

-Клучено е прво, ако откриеме дека не е исполнет условот, фактички не може да се склучи новиот договор. И ако има, ќе го доставиме до другите надлежни институции. Еве јавно сега повикувам бидејќи ние отворивме и за ТЕЦ, но и за „Бехтел“ и „Енка“, нека и обвинителството се вклучи по допрен глас. Нека се заинтересира, па заеднички работиме. Сепак станува збор за сомнежи и ризици од системска корупција, а слушаме и читаме само за апсење на или криумчари на мигранти или за марихуана. За корупција не слушаме, вели Трпеноски од ДКСК.

Првите истражувања на оваа тема беа објавени во јануари во емисијата КОД на Телма по што ДКСК отвори предмет, а обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не одговара дали ќе истражува за зделките вредни околу 280 милиони евра за мазут.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе