Вести Економија Емисии Код Македонија

КОД: 20.000.000 евра анекс, камиони што чекаат полноќ, скап транспорт, барање поголема маржа- Како се цицале парите за мазут за ТЕЦ Неготино

Четврток, самрак. Сонцето заоѓа, се поблиску е полноќ. Кога цената на мазутот ќе се зголеми за 1,183 денари за килограм. Приказната не е за Пепелашка, ама во трговијата со мазут за државните енергетски капацитети, има многу сличности со оваа детска сказна. После полноќ добиваат повеќе пари оние коишто помалку мислат на парите на граѓаните исплатени преку буџетот.

Во приказната има и принц кој ја спасува хероината од лошите и злобни маќеа и полусесетрите. Во македонската мазут верзија на Пепелашка, принцот би требало да биде обвинителството односно обвинителот за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази. Но, ниту обвинителството не прави ништо за да ги заштите парите на граѓаните.

Мазут-пепелашка на полноќ пред ТЕЦ Неготино 

На 6-ти април околу 19:00 часот се приближуваме кон ТЕЦ Неготино, само неколку часа претходно Регулаторната комисија за енергетика објави дека цената на мазутот е зголемена. Кон ТЕЦ одиме поради претходно добиените информации дека при секое зголемување на цената се случува ситуација, цистерните со мазут да стигнат пред капиите на ТЕЦ-от и потоа да чекаат до полноќ да почне да се користи новата цена за да влезат внатре. Македонските камионџии биле убедувани да чекаат и по неколку часа до полноќ со тоа што им биле давани по 25 евра. Парите ги давал човек со голф кој пред капиите на ТЕЦ чекал и им кажувал и на возачите на цистрените да чекаат за тие 25 евра.

Математиката покажува дека при покачување на цената како онаа последната во четвртокот носи разлика во цената од речиси 500 евра за само една цистерна со 25 тони мазут. (25.000 kg x 1,183 денари покачување = 29.575 денари). При оваа пресметка се покажува дека од разликата која се исплаќа од државниот буџет наполнет со парите на граѓаните, добавувачот добива 95% од разликата со новата цена, а камионџијата добива само 5%.

Пред ТЕЦ Неготино, знакот покажува дека за истовар на мазут се врти во лево. Долу пред влезот кој беше отворен стоеше една цистерна во која немаше никој. Возевме и по околните патчиња кои се скришни доколку возите брзо по автопатот Скопје-Гевгелија.

На еден дел, половина километар оддалечена од влезот во ТЕЦ стоеше паркирана уште една цистерна. Со мазут, а без шофер. И двете цистерни беа од иста транспортна компанија. Полека се заокружуваше приказната. Единствено го немаше возачот кој дава по 25 евра на секој камионџија за да почека да дојде полноќ и новата цена на мазутот.

Утредента успеавме да провериме и да утврдиме дека на 6-ти април биле планирани за влез во ТЕЦ Неготино вкупно 25 цистерни. Влегле само 15, додека останатите 10 се пренасочени кон другите енергетски капацитети кои користат мазут како дополнување на процесот за производство на струја.

Сите 15 цистерни влегле после полноќ, што значи екстра добивката со промена на цена само во петокот рано наутро била околу 7.500 евра, а по исплатата на камионџиите за добавувачот останале чисти 7.125 евра екстра профит директно од џебот на граѓаните. И тоа не е се само за минатата недела. Мазутот поскапе и во вторник. Тогаш, Регулаторна му ја покачи цената за 0,652 денари по килограм.

На пристапот до ТЕЦ тогаш се создала колона од 50-тина цистерни, грчките неколку, влегле за да си тргнат дома камионџиите. Но македонските останале, добиле по 25 евра, а незадоволните кои сакале да си одат дома биле попречувани од возачот на голфот. Сите македонски камиони, вкупно 44 влегле на мерење после полноќ.

Носеле вкупно (44 x 25.000 kg) околу 1.100 тони, и од разликата добавувачот заработил (1.100.000 kg x 0,652 денари) 717.200 денари екстра профит или околу 11.600 евра.

Кога ќе се одземе надницата за чекање од 25 евра исплатена на 44 шофери (44 X 25 евра=1.100 евра), добавувачот ноќта понеделник кон вторник заработил чисти 10 и пол илјади евра.

Дека слушнале за ваква пракса надвор од кругот на ТЕЦ ни потврдија и два извори од електраната. ЕСМ никогаш не одговори на прашањата на КОД поставени на оваа тема уште во јануари.

Нашите извори од ТЕЦ пак ни кажаа дека можно е и да има понекогаш гужва, па некоја цистерна  да остане надвор после полноќ бидејќи внатре може да се празнат само 10 цистерни истовремено на исто толку пунктови. Секоја цистерна се испумпува во ТЕЦ за два часа. Но, потврдија и дека често ги терале камионџиите да влегуваат кога пристигнувале, ама многу од нив останувале паркирани надвор.

Молк од обвинителството, 20 милиони евра повеќе со истечена банкарска гаранција 

Во јануари беше објавена и емисијата со сериозни обвинувања. Не реагираше ниту обвинителството, а оттаму не се заинтересираа ниту да ни одговорат на прашањата дали воопшто отвориле предмет за големите сомнежи за набавка на мазутот за што веќе објави КОД.

Покрај чекањето нови цени, КОД тогаш објави дека на повиците за набавка на мазут, ЕСМ постојано ги менувал условите, а ги исполнувал и се пријавувал само РКМ. Три едно по друго повици за набавка за мазут имале различни услови.

Третиот сомнеж беше и за квалитетот на мазутот, а со пресметка КОД покажа дека од набавената количина мазут се произвеле околу 100 илјади мегават часови струја помалку.

Но, документите во кои имаше увид КОД покажуваат дека играта со мазутот почнала уште на крајот на 2021-ва кога е прогласена енергетската криза, додека лани во декември постигнале кулминација кога РКМ побарал доплата и нова милијарда денари за да ја доврши испораката на 150.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино.

Фирмата РКМ се пожалила дека цените на мазутот растат и мора да се направи анекс на договорот со дополнување на цената.

БАРАЊЕ НА РКМ ДО ЕСМ ОД 26-ТИ ДЕКЕМВРИ 2022.

Заклучно со 26-ти декември 2022-ра, Ви имаме испорачано количина од 112.594 тони мазут или 75% од количината предвидена со Договорот за набавка, што значи дека согласно моменталната состојба на договорот по вредност и важечката Одлука на Регулаторна комисија за енергетика за највисоки цени на деривати, би останале за испорака уште 9.828 тони.

Збирот на овие две цифри (112.594 и  9.828) е 122.422 тони или 18% помалку од договореното. Бара над милијарда денари доплата, а ЕСМ го усвојува барањето на РКМ и за два дена се подготвува и потпишува анекс на договорот (фото од договорот на насловната фотографија).

Додека граѓаните трошат од сопствените џебови за пречек на Нова Година, државната ЕСМ од буџетот, исто од нивните џебови се согласила да плати сосе данок уште околу 20 милиони евра на РКМ. Овој анекс на договор се потпишува, што исто така е скандалозно два месеци откако веќе е истечена банкарската гаранција која за РКМ ја приложила Халк Банка.

Што значи,  доколку ЕСМ не исплатила дополнителни 20 милиони евра, РКМ можел слободно да престане да испорачува мазут и штетата од прекршување на договорот немало да може да се наплати ниту денар од гаранцијата. Затоа што истекла.

Скап транспорт и обид за зголемување на премијата за мазут- нови финти за цицање пари на граѓаните 

Покачувањето на цените на мазутот предизвикало уште една несекојдневна ретка бизнис акробација на ЕСМ, Електрани сами побарале од Регулаторната комисија да ги покачи премиите за мазут, односно маржите и делот кој продавачите го добиваат како маржа односно добивка.

Електрани, ЕСМ всушност е купувач, а РКМ продавач што значи дека државната компанија купувач барала поголема заработка од оној што продава, а тоа да падне врз грбот на граѓаните преку државниот буџет. Оваа операција и барање на ЕСМ и РКМ се случувало во јануари.

Но, една од најголемите разлики со што се извлекува одличен профит се прави преку транспортот на мазут. За литар или килограм добавувачите со светли деривати, бензини и дизел, регулаторната комисија има определено фиксна цена, 0,95 денари за продавачот. Во договорот кој РКМ го има склучено со ЕСМ, цената за превоз на килограм мазут е речиси трипати поголема односно 2,80 денари по килограм.

За 150 илјади тони (150.000т односно 150.000.000kg X 1,85 денари разлика = 277.500.000 денари односно 4.512.195 евра), разлика, профит остварен само поради високата цена на транспорт изнесува повеќе од 4 и пол милиони евра.

Високата цена на транспортот се појавува уште во ноември 2021-ва кога РКМ признава на ЕСМ дека во Македонија има 25 до 30 цистерни и е многу тешко да се организира дневна испорака од околу 1.000 тони мазут како што бара ЕСМ за ТЕЦ Неготино веднаш по прогласувањето на енергетската криза.

Но и покрај тоа што истото за бројот на цистерните го констатира ОКТА и како што покажуваат документите во кои имаше увид КОД, грчката фирма ќерка на Хеленик Петролеум уште тогаш на ЕСМ им посочила дека РКМ нема никаков договор за купување на мазут од Хеленик Петролеум.

А тоа во понудата го доставила РКМ на Ратко Капушевски и Сулкоски од Пласница. Иако без договор за набавка и со посочени проблеми за транспорт поради премалку цистерни во државата, РКМ е единствен конкурент на првиот тендер и ветува дека ќе носи по илјада тони мазут односно минимум по 40 цистерни секој ден во ТЕЦ Неготино.

Го добива тој конкурс за набавка на околу 50 илјади тони, потоа го добива наредниот во февруари 2022-ра за набавка на 150 илјади тони и на крај во ноември лани добива уште еден конкурс, трет во низа, а за таа последна набавка од 190 илјади тони ЕСМ воведува нов услов за учество.

Да може да конкурираат компании кои во последните три години имаат барем еден договор за набавка на минимум 100 илјади тони мазут на државен орган или на друг орган. Тој услов го исполнувал само РКМ.

Миомир Серафиновиќ

Во продолжение и емисијата во која покрај прилогот за ТЕЦ Неготино е еколошката сторија за канцероген мазут произведен од гуми во штипска фабрика кој се користел за енергија низ цела држава и профилот за Васко Ковачевски, клучната фигура на владата во енергетската криза.

По емисијата ЕСМ испрати и реакција за објавените содржини во КОД.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Топ Тема – Претседателска дебата Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски 01.05.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе