Вести Македонија Топ вести

Ван дер Белен: Сега од македонските пратеници зависи европскиот пат на Македонија

По Германија, и Австрија ѝ порача на Македонија да го направи следниот чекор кон Европа, на кој таа ќе ѝ биде сигурен партнер. Пораката од Виена денеска, првин од Вила Водно, па потоа и од собраниската говорница, ја пренесе австрискиот претседател, Александер ван дер Белен, кој притоа им порача на македонските пратеници дека сега од нив зависи европскиот пат на Македонија, а, иако не ја спомена отворено опозицијата, ѝ испрати и директна порака во контекст на уставните измени.

„Северна Македонија со Охридскиот рамковен договор од 2001 година стана пример во регионот, пример за успешен соживот во јазична, етничка и религиозна различност. За да може да продолжи процесот на проширувањето, сега е потребен уште еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот. Сакам јасно да кажам: Не верувам дека е реалистично дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш“, рече Ван дер Белен.

Белен, пред да им се обрати на пратениците, се сретна со својот домаќин, македонскиот претседател Стево Пендаровски, од каде повика моментот на зголемен интерес на Европската унија за регионот да биде искористен и да не се губи време.

„Ќе ги замолам и сите пратенички групи со многу длабоко размислување да постапат при ова прашање и да размислат што долгорочно стои на ризик, имајќи на ум дека заштитата на малцинствата во Северна Македонија и онака е нешто, колку што јас можам да проценам, се подразбира“, изјави Ван дер Белен.

Шефот на македонската држава, пак, во контекст на уставните измени најави дека и тој ќе делегира свој претставник во работната група која треба да ги формулира уставните амандмани. Пендаровски очекува работната група да биде формирана оваа или идната недела, која, според него, брзо потоа би ги доставила предлог-уставните амандмани до Комисијата за уставни прашања во Собранието. Пендаровски даде став за одбивањето на опозицијата да делегира свои експерти во работната група.

„Мислам дека грешат и затоа уште еднаш од оваа позиција ги повикувам да се вклучат, на експертско и на политичко ниво, да ги кажат своите аргументи. И јас мислам дека таа дебата би требало да биде пренесувана во живо за македонската јавност, бидејќи кога ќе ги соочите аргументите на двете страни, претпоставувам дека и тие ги имаат, ќе видите дека практично зборуваме за работи кои пред 22 години сме ги направиле“, рече Пендаровски.

Запрашан што доколку не се случат уставните измени, Пендаровски со краток одговор дека тогаш Македонија ќе биде блокирана кон членството во Унијата со сопствена одлука. Според него, со додавањето на уште неколку заедници во Уставот, вклучително и 3.500 Бугари, државата нема да пропадне.

Освен што е прашање на денови до формирање на работната група, прашање е на денови кога ќе започне и процедурата за отворање на Уставот. Ова денеска го најави македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, велејќи дека нема да има одложување на процесот.

„Уставните измени нема да се одложат. Со формирањето на експертската група и со нивната работа практично ќе започне процесот, кој што потоа ќе влезе, нормално, и во процедурите кои што се пропишани и закон“, изјави Ковачевски.

Министерот за правда, Кренар Лога, пак, пред два дена ѝ даде рок на опозицијата до идната недела да реши дали ќе учествува во работната група за уставните измени.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Љупчо Палевски Палчо стапна на македонско тло

Дејан Дејан

Меџити: Работиме интензивно на составување на новата влада

Дејан Дејан

Претседателката на Уставен суд пријави нож и имрповизран кревет до нејзиното возило, опожарено и возилото на директорот на Идризово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе