Вести Македонија

Централен регистар го чека дописот од Правда за бришење на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“

Решението на министерот Кренар Лога за бришење на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ патува од Правда до Централен регистар. Од Министерството за Телма потврдија дека одлуката што Лога ја потпиша на 16 март со која се одби барањето на здружението да го користи името на таа контроверзна личност, веќе е испратено и до Централен регистар и до културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола. Од Централен велат дека го очекуваат дописот од Правда по што веднаш ќе постапат по одлуката на министерот.

Во меѓувреме, додека се очекува здружението „Ванчо Михајлов“ да згасне и да биде избришано од Централниот регистар, на улицата „Рузвелтова“ во Битола, во некогашното Еврејско маало, се надополнува иконографијата на седиштето на бугарскиот културен центар, кој стана уште еден камен на сопнување во релациите меѓу Македонија и Бугарија.  Не само што пред извесно време е обновена опожарената табла со натписот на објектот, туку над неа се веат и знамиња на Бугарија, Европската унија, Македонија и ВМРО.

Одлуката на министерот за правда доаѓа откако владината Комисија за употреба на имињата на личности, даде негативно мислење затоа што  именувањето на здружение со името на Ванчо Михајлов, близок до фашистичката идеологија е навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ поради неговото јавно негирање на македонскиот идентитет, јазик, култура.

И Стејт Департментот, во најновиот извештај, нотира дека Еврејската заедница во Македонија се пожали на именувањето на два бугарски клуба во Македонија, „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ со имиња на познати фашистички соработници.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бегалците од кондовската група упасени во Урошевац имаат и косовски пасоши?

Дејан Дејан

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

Дејан Дејан

Од утре стартува гласањето за двојните избори, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе