Вести Свет Топ вести

Спасувачите ќе бараат преживеани до среда, потоа шансите за живот под урнатините е еднаков на нула

Една недела по разорниот земјотрес во Турција и Сирија, спасувачите не се откажуваат. Со сонори, но и кучиња трагачи, сè уште се бараат преживени под урнатините. Утринава ја извлекоа 40-годишната Сибел Каја, која под бетонскиот притисок на петкатната зграда помина 174 часа. Спасувачите изминативе два дена речиси и да спијат. Знаат дека времето тече, и приказните за чудесните спасувања ќе ги има се помалку.

Според познавачите за земјотресно инженерство, веројатноста да се најдат живи луѓе драматично се намалува по пет дена, а еднакви се на нула по девет дена. Некои преживеани сè уште чекаат пред урнатите згради да бидат извлечени телата на нивните најблиски. Агонијата е неиздржлива велат, тие умираат доле, а ние горе.

Една недела по земјотресите, илјадници сè уште се без засолниште на улиците. Кражбите стануваат секојдневие, поради што и странските спасувачи не се чувствуваат безбедно, па некои земји веќе ги повлекоа своите екипи од терен. Милиони останаа без своите домови, државата им нуди да се раселат, но сите немаат пари за нов живот.

Оние кои имаат средства заминуваат. Ние сме сиромаси, навистина. Владата вели одете и живејте таму еден месец, два. Како да го оставам домот? – Моите ниви се тука, тука е мојот дом, како да го оставам?“, вели Фуат Екинчи, раселено лице.

Турските власти таргетираа 134 лица, одговорни за неисправната градба и за огромното уништување.

За разлика од Турција, каде сè уште се наоѓаат преживеани, во погодениот северозападен дел од Сирија сликата е сосема поинаква. Таму веќе нема преживеани. Се копаат само да се најдат телата. Плачот и пискотниците на мајките кога ќе им ги подадат телата од нивните мали деца е, речиси, неиздржлив. Поради граѓанската војна, хуманитарната помош пристигна бавно и доцна. Спасувачите бавно копаат, зашто ја немаат потребната механизација.

„Целиот свет го разочара сирискиот народ. Ако ова уништување беше во Европа или во некоја странска земја, целиот свет ќе се собереше да ги спаси загинатите. Но, тука никој не се грижи. И онака сме раселени“, изјави Абдел-Монем Касем ал-Разук, преживеан од земјотресот. 

„Кој ни помага? – Во Турција добија се. Направија и воздушен мост за да пристигне помош од светот. Но, нас никој не ни помага. Што лошо сторило дете да остане четоро дена под урнатините пред да го најдат?“, револтиран е Салим, чиј петгодишен син беше најден под урнатините. 

Помошта бавно пристигнува во Сирија, затоа што од Турција е отворен само еден премин, а се треба да мине преку Дамаск. Дека меѓународната заедница ја разочара Сирија во овие моменти, признаваат и Обединетите нации. Првите луѓе од светската организација утринава се сретнаа со Башар ал Асад. Донесоа медицинска помош, бидејќи со оглед на ужасните хуманитарни услови во земјата кои се најлоши од почетокот на конфликтот, се чека епидемија од колера, пневмонии и сипаници, а ќе ги следат суровите зимски услови.

Алиса Шакири Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија со скок од 19 места во однос на слободата на медиумите, медиумските работници со потпросечни плати и изложени на закани и напади

Дејан Дејан

Тажни сцени пред „Рибникар“: Родителите на убиените деца пристигнаа пред училиштето да оддадат почит на жртвите

Дејан Дејан

Осигурителните компании разочарани од одлуката да се врати старата цена на полисите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе