Вести Македонија

Судот спротивно на закон дозволува „хорско“ испитување на сведоците-вештаци за несреќата кај Ласкарци- Реакција на Коалиција „Сите за правично судење“

Коалиција „Сите за правично судење“ ја истакнува својата загриженост за постапувањето на судечкиот совет во предметот К-1407/19, а во врска со автобуската несреќа која се случи во 2019 година кај селото Ласкарци. Коалицијата веќе реагираше на фактот што во временски период од над 1 година, не беше одржано ниту едно рочиште за главна расправа, бидејќи се чекаше да биде изготвено супервештачење по наредба на Судот, додека Судот не ги примени законските одредби кои ги има на располагање за да се осигура дека вештачењето ќе биде изготвено во разумен рок.

Откако беше доставено супервештачењето до Основниот кривичен суд Скопје,  Судот на ден 24.01.2023. година закажа ново рочиште за главна расправа, на кое беше констатирано дека поради протек од 90 дена од последно одржано рочиште, главната расправа ќе започне одново, и истата на наредното рочиште ќе продолжи во фаза на дополнение на доказна постапка, со изведување на материјален доказ – супервештачење и испитување на вешти лица кои го изготвиле истото.

Откако супервештачењето беше изготвено беа закажани рочишта за презентација на истото и за испитување на вештаците кои го изготвиле, но за жал повторно и на овие рочишта Коалицијата преку своите професионални судски набљудувачи детектираше несоодветна примена на одредбите од Законот за кривичната постапка, овој пат на одредбите кои го предвидуваат начинот на кој се врши испитување на вешто лице на рочиште за главна расправа пред судот, како и постапувањето на судот со вешто лице или сведок кој не е испитан.

Имено, на закажаните рочишта за главна расправа на ден 26.01.2023 година и 02.02.2023 година, испитувањето на вештите лица било спроведено на начин што Судот донел решение, еден член од тимот да стои во делот предвиден за давање исказ и да дава одговор на прашањата што ќе му бидат поставени, додека пак сите останати вешти лица да останат и бидат присутни во судницата и да дополнуваат претходно дадените одговори од страна на вештакот кој се испитува од странките.

Освен дополнување на дадените одговори, во повеќе наврати било забележано наместо вештото лице кое се испитува, одговори на поставените прашања да бидат дадени од страна на останатите вешти лица од тимот, присутни во судницата. Ваквиот начин на испитување бил дозволен од страна на судечкиот совет со образложение дека предметното супервештачење било изготвено од страна на вкупно четири вешти лица, сите тие заедно како тим работеле на неговото изготвување, вештачењето е потпишано од секој индивидуално и сите вешти лица пред судот имаат дадено, односно положено заклетва, иако јавниот обвинител оправдано се спротивставил на ваквиот начин на испитување на вештите лица

Во оваа прилика би сакале да истакнеме дека, без разлика на бројот на вешти лица кои се вклучени во изготвување на едно вештачење (во случајот супервештачење), ваквата практика на постапување од страна на судечкиот совет при испитувањето на вешто лице е спротивна на одредбите од Законот за кривичната постапка кои го регулираат овој дел, поради повеќе причини.

Најнапред, согласно одредбите од ЗКП, конкретно членот 378 вештите лица можат да присуствуваат во текот на главната расправа и да го следат судењето односно да можат да ги чујат исказите на сведоците кои ќе бидат испитани, како и да се запознаат со другите докази кои ќе бидат изведени во текот на главната расправа. Оваа одредба во ниту еден случај не значи дека тие можат да даваат одговори на прашања кои што се поставуваат на други вештаци кои се предмет на испитување, или со други зборови, законот не предвидува можност за „тимско“ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. Дотолку повеќе што согласно членот 360 од ЗКП, претседателот на судечкиот совет е должен да ги предупреди присутните во судницата да не го нарушуваат текот на расправата, па дури „може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа“.

Понатаму, согласно членот 389 „судот може да нареди испитаните сведоци и вештаци да се отстранат од судницата и подоцна повторно да бидат повикани и повторно да се испитаат во присуство или отсуство на други сведоци или вештаци“, па така во конкретниот случај би било сосема оправдано доколку вештаците кои не биле испитани, се отстранат од судница, па дури откако би било утврдено евентуално несовпаѓање на нивните искази, да бидат повикани сите заедно во судницата со цел истите да се соочат и да се утврдат причините за неконзистентните искази на лицата кои го изготвиле вештачењето. Сепак, дури и во таков случај, соочувањето не би смеело да биде направено на начин што сите вештаци истовремено ќе одговараат на истото прашање.

На ова се надоврзува членот 387, став 4 од ЗКП согласно кој „ако некоја од странките бара вештото лице да се испита на главната расправа, писмениот наод и мислење ќе бидат прифатени како доказен материјал само ако вештото лице кое го изработило вештиот наод и мислење дало свој исказ на главната расправа и била дадена можност да биде вкрстено испрашано“. Во конкретниот случај, освен вештото лице кое било повикано да даде исказ пред Судот, ниту еден друг член од тимот на вешти лица кој бил присутен во судницата не смеел да одговара на прашањата што биле поставувани додека не биде повикан да сведочи, бидејќи на овој начин de facto се заобиколува можноста странките директно и вкрстено да ги испитаат сите вешти лица кои го изготвиле вештачењето.

Ова е особено битно доколку се има предвид дека вкрстеното испитување е веројатно најголемата можност за дискредитација на вештото лице, односно дискредитација на изготвеното вештачење во целина, нешто што не е возможно да биде направено доколку истовремено се испитуваат сите вешти лица. Поради ова, Судот требало да повика едно од вештите лица согласно предлозите на странките, па дури откако ќе биде констатирано дека испитувањето на тоа вешто лице е завршено, да биде повикан друг вештак од тимот за да биде испитан, и така натаму додека не биде испитан и последниот член од тимот на вешти лица кои го изготвиле супервештачењето во рамките на овој судски предмет.

Имајќи го предвид сето претходно наведено, а со оглед дека испитувањето на вештите лица ќе продолжи и на следните неколку рочишта за главна расправа, Коалицијата апелира судечкиот совет во оваа судска постапка, со должно внимание да го следи текот на главната расправа и испитувањето на вештите лица да го спроведе на начин што доследно ќе бидат испочитувани и соодветно толкувани релевантните одредби од Законот за кривичната постапка.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бегалците од кондовската група упасени во Урошевац имаат и косовски пасоши ?

Дејан Дејан

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

Дејан Дејан

Од утре стартува гласањето за двојните избори, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе