Култура

„ Кајмак“ за љубовта , страста и потребата од потомство

Најновиот, седми по ред долгометражен филм на режисерот Милчо Манчевски, насловен „ Кајмак“, е маестрално остварување , кое сношти беше поздравено со овации по проекцијата одржана во зградата на Филхармонијата. За вредноста на филмот читавме од критиките по светската премиера на фестивалот во Токио, но за тоа требаше лично да се увериме. И се уверивме.

Филмот е работен во жанрот сатира, а за тема ги има меѓусоседските односи во една скопска зграда, изградена во бетонската џунгла градби кои се преклопуваат. Кајмакот како традиционална храна овдека е употребен како метафора за потребата од љубов, задоволство, но и за потомство. Неостварените желби се решаваат со вклучување на трета личност и затоа поднасловот на филмот сугерира дека за танго се потребни тројца. На тој начин, Манчевски кој е и автор на сценариото, искрено и храбро излегува од стереотипните претстави за македонските семејства денес, надминувајќи се себе си, споредено со неговиот пристап во претходното остварување „ Врба“, од 2019 година.

Иако на ниво на мотиви кај ликовите во „ Врба“, а и во „ Кајмак“ делумно, потребата за мајчинство се повторува, во најновото остварување тоа е далеку позрело, а пред сѐ драматуршки прецизно артикулирано. Овдека треба да се спомене и употребата на цитати од холивудските остварувања, но забавно и топло, македонски прилагодено. Филмот има една извесност, а тоа е употребата на пиштолот од страна на ликот Карамба, што го толкува Александар Микиќ, но и тоа проаѓа зашто во завршницата куршумот не предизвикува трагедија каква што се очекува, туку има пресврт.

Гледачот излегува од проекцијата со чувство дека присуствувал на боцкава, но заводлива сатира, за што е заслужна целата актерска екипа. Дел од нив се докажани актери од порано, дел се во тимот кој Манчевски не го менува последниве години , а дел дебитанти под неговата режисерска палка. Како и да е, на сите треба да им се оддаде признание зашто не е лесно да се игра уверливо до коска,  да не е тоа класична реалистична игра, а сепак преживување од внатре, со мерка по потреба и со доза на хумор, кој не е пренагласен.

За овој филм Манчевски  за прв пат соработуваше со кинематограферот Улрик Боел Бенцен од Данска. Тој има работено мали прокти со светски имиња, но, според прикажаното бил достоен и за ангажманот во првото негово долгометражно оставување, во кое успешно ја доловил македонската атмосфера . Во тоа несомнено придонесува и музиката , особено разработениот мотив од народната песна „ Не си го продавај Кољо чифликот“, која провејува како лајт мотив низ филмот. На музичките парчиња исто така беа ангажирани белгискиот композитор и пијанист Томас Фогуен и нашиот Игор Новоградска, кој соработуваше со Манчевски и за „ Врба“.
Накратко, имаме наше, а светско остварување – филм кој раскажува локални приказни, но дотолку легитимни и за низ светот, денес. И во тоа е големината на „ Кајмак“.

 

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

 МНТ со праизведба на  „ Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „ Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе