Вести Македонија Топ вести

Судир меѓу заменик-директорот на јавната безбедност и полициски началник од Чаир поради апсење на скопјанец кој пукал пред полицајци?

Пукал пред полицајци и полициски началници поради контрола на автомобил-насилникот пуштен со асистенција на заменик-директорот на БЈБ, МВР соопшти се истражува инцидентот, а вклучено е обвинителството и внатрешната контрола.

Скопјанец во близина на угостителски објект во Чаир каде имало матурска прослава (со гости полициски функционери) пукал со пиштол во воздух затоа што полициска патрола вршела контрола и го сопрела неговиот познаник поради незаконско користење на флешери на автомобилот.

Во инцидентот кој се случил синоќа нема повредени, а скопјанецот кој пукал во воздух денеска се предал на полицијата и против него ќе биде покрената соодветна постапка, потврдија од МВР.

Полициски тим од ЕВР Чаир во кој бил и началникот на оваа единица на МВР го сопреле возачот затоа што имал флешери- ротациони светла на автомобилот од марката мицубиши.

Потоа почнале да се собираат гости од ресторанот. Возачот на сопреното мицубиши се претставувал дека работи за заменик-директорот, а по телефон го повикал заменик директорот на БЈБ Ариф Асани за да влијае на полицискиот началник и да го пушти, објаснуваат сведоци за Телма.

Пристигнала група од најмалку 6 лица кои во име на заменик директорот на јавната безбедност Асани барале да биде ослободен возачот со флешери, но началникот на ЕВР Чаир Едмунд Муртезани го одбил барањето. Тогаш извесен Мерван извадил пиштол и имал близок контакт со полицајците по што еден истрел е испукан во воздух.

Истрагата сега утврдува дали насилниот скопјанец сакал да го застрела началникот или пукал во воздух. По истрелот тој е совладан, но сепак успеал да избега од местото на инцидентот. Една од верзиите е дека заменик директорот Асани наредил да биде пуштен пиштолџијата по што тој си заминал. Втората верзија е дека групата на уапсениот почнала да ги влече полицајците по што осомничениот успеал да избега.

Од МВР пак официјално одговараат дека станува збор за истрел во воздух, инцидент без повредени и дека осомничениот денеска сам се предал во полиција.

На увидот е повикан обвинител од одделението за истраги против овластени службени лица, а поради учество на полицајци во инцидентот известена е и внатрешбата контрола на МВР.

Одземени се и безбедносни снимки од блискиот угостителски објект и снимки од камерите на Сејф-сити. МВР соопшти детали за инцидентот.

На 23.05.2022 е пријавено дека околу 19.45 часот полициски службеник од ЕВР Чаир во близина на ресторан на ул. „М.К. бригада“ во Скопје запрел возило „митцубиши“ кое имало вклучено т.н. флешери. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколку лица, при што физички го нападнал полицискиот службеник. На местото на настанот пристигнале и други полициски службеници, кои биле нападнати од групата. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен, а од пукањето нема повредени лица. Потоа дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, по што М.Љ. се дал во бегство. За М.Љ. бил распишан централен распис, но тој во текот на денешниот ден сам се пријавил во полициска станица. Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, обезбеден е пиштолот и видео снимки од настанот и се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Во соопштението не е наведено дали заменик директорот на БЈБ бил присутен и дали бил инволвиран во инцидентот.

Ариф Асани е заменик-директор на Бирото за јавна безбедност во МВР (директор е Сашо Тасевски), а претходно беше долгогодишен заменик директор на УБК (и пред смената и после смената на ВМРО-ДПМНЕ) како и прв заменик директор на Агенцијата за национална безбедност-АНБ.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронајдено тело на мртва девојка во Штип

Дејан Дејан

Осигурителните компании не ги вратија старите пониски цени на полисите за возилата, денеска нов состанок во финансии

Дејан Дејан

На полноќ истекува рокот за пријавување на болните и изнемоштените за гласање на изборите на 8 мај

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе