Вести Македонија Топ вести

Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби

Денес сето создание се весели и се радува, зашто – Христос воскресна. Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога, се вели во велигденската честитка на поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

„Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата. Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот, туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Токму преку Христовото воскресение се одгатнаа сите загатки со коишто, уште од паѓањето во грев, се соочуваше немоќното и безутешно човештво, а коишто завршуваа со суровоста на смртта. Ете, токму преку тоа Чудо над чудата, ние, луѓето, од смртни станавме бесмртни и ни беше овозможено трајно да се ослободиме од прангите на смртта и да се упатиме кон Оној Kojшто и самиот е Живот – кон Христа Животодавецот“, пишува во честитката на г.г. Стефан по повод велигденските празнувања.

Неискажливата и преславна радост, како што се стои во честитката на г.г. Стефан, „не треба да биде минливо чувство, што ќе обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да стане начин на живеење и на постоење“.

„Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа. Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот“, се наведува во честитката на г.г. Стефан.

„Нека незаодната светлина од празникот на Христовото воскресение – Велигден,  ни биде нераскинлива нишка којашто ќе нѐ поврзе сите Македонци – и овде, во Татковината, и насекаде каде што нашинците се иселени по светот – во единството на троедната љубов: во богољубието, братољубието и родољубието, та едногласно да воскликнеме пред сиот свет: Христос воскресе!“, се порачува во велигденската честитка на поглаварот на МПЦ-ОА.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Ахмети, ги обвини СДМ и ВМРО-ДПМНЕ за прегласувањето во седумте избирачки места

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе