Вести Македонија Топ вести

Уште 10 дена рок за поднесување на кандидатските листи

Десет дена пред последниот рок за поднесување кандидатски листи за пратеници, се гледаат контурите на партиската коалициска изборна понуда.

Во понеделник се очекува ДУИ да објави раст на предизборната коалиција наречена Европски фронт. Ќе му се придружи некогаш лутиот политички противник ДПА, како што потврди Мендух Тачи за Клан Македонија, но и Европската демократска партија на Арјанит Хоџа.

Пред неколку дена, веќе се потпишаа и се ракуваа Али Ахмети и Скендер Реџепи Зејд од Народното движење. Последните два коалициски партнери на ДУИ се формираа во последните 7 месеци, отцепувајќи се од Беса и од Алтернатива.

Најнеизвесно останува позиционирањето на делот од Алијанса предводен од Зијадин Села. ДУИ му чува добитни пратенички места ако се придружи во Европскиот фронт, а Таравари го повикува да не се компромитира. Му ветува и потпис на кандидатските листи ако се определи за самостоен настап бидејќи нема судска одлука чија Алијанса е онаа вистинската.

-Ние сега сме „Вреди“. Нашата група има мнозинство и во Централното претседателство и во Централното Собрание. Не би сакал тие да одат со ДУИ. Тоа ќе го погоди секој член и секој гласач на Алијансата. Не сакам да се искомпромитираат до крај. Сакам да им помогнам, изјави претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села.

ВМРО ДПМНЕ сака да прикаже дека се зголемува бројот на нивните коалициски партнери, но не е подготвена да им отстапи добитни пратенички места на кандидатските листи. Или, како што вели Павле Трајанов, „ВМРО-ДПМНЕ изградиле став да имаат хомогена пратеничка група“.

Ова е една од разликите што се обидуваат да ги надминат. Во разговорите, Демократскиот сојуз ги истакнува своите приоритети: нов Устав, зајакнување на унитарната држава, укинување на Бадинтер и на Балансерот, реформа на правосудниот систем идр.

-Разговараме првенствено со ВМРО-ДПМНЕ за овие врвни приоритети. Тука во основа сме компатибилни како политички партии со свои програмски определби и цели. Има некои отворени прашања за кои имаме разлики. За нив ќе разговараме на Централниот совет. Очекувам да добиеме поддршка јас како претседател и Централното претседателство за да ја продолжиме оваа соработка со ВМРО-ДПМНЕ, рече претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

ВМРО-ДПМНЕ ја комплетираше листата на носители. Шесте адути на партијата се: претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајловски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски и пратениците Драган Ковачки и Дафина Стојаноска. Наредната недела ќе се објават имињата на сите 120 кандидати и ќе се потпише договор со коалициските партнери. Дали меѓу нив ќе биде Достоинство – партијата на Стојанче Ангелов дополнително ќе одлучува, откако формално ќе излезе од сојузот со СДСМ.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

40 дена притвор за Беким Красниќи, уапсен на Косово

Дејан Дејан

Скопјанец загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, жена му и двете деца се повредени

Дејан Дејан

Хозе Раул Мулино избран за претседател во Панама

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе