Вести Свет

Зетот на Трамп ќе гради луксузни ресорти и станови во Србија и Албанија

Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател и веројатно повторно кандидат за претседател Доналд Трамп ќе инвестира милиони долари во Албанија и Србија за изградба на луксузни туристички резорти, хотели и станбени згради. Информацијата ја потврдија од компанијата на Кушнер, во исто време потврдувајќи дека најтесното семејство на Трамп продолжува со инвестициите и проширувањето на бизнисите додека тој е во трка за втор мандат во Белата куќа.

Првиот, и по се изгледа најголем проект е развој на цел еден остров во близина на брегот на Албанија, кој ќе биде претворен во елитна туристичка дестинација. Во Албанија се планира и втор проект на полуостровот Звернец, каде на 1.000 хектари приморска област ќе бидат изградени неколку хотели и стотици вили.

Голем проект се планира и во Белград, според кој компанијата на Кушнер ќе ја купи зградата на поранешниот Генералштаб на Југословенската армија, кој беше бомбардиран од НАТО за време на интервенцијата во 1999 година. Таму се планира изградба на луксузен хотел, како и 1.500 станови.

Станува збор за земјишта во државна сопственост, и чија купопродажба треба да биде одобрена од владите во Тирана и Белград, а посредник во целиот овој процес е Ричард Гренел. Гренел краток период беше извршен директор на националното разузнавање во администрацијата на Трамп, по што беше именуван за амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на американскиот претседател за Западен Балкан. Токму во последната улога, Гренел учествуваше во преговорите за нормализирање на односите помеѓу Приштина и Белград. Врските кои Гренел ги изгради како специјален пратеник послужија како основа за бизнис проширувањето на семејството на Трамп.

И додека планираните инвестиции на Балканот се плод на познанствата и врските на Гренел, финансирањето на овие проекти доаѓа благодарение на врските кои Кушнер ги изгради додека беше советник во кабинетот на Трамп. Изминативе години Кушнер успеа да обезбеди капитал од над 2 милијарди долари за неговата инвестициска компанија Афинити партнерс, која ја основаше откако ја напушти Белата куќа.

Најголемиот дел од тие средства доаѓаат од Саудискиот јавен инвестициски фонд, односно 2 милијарди долари, пари кои Кушнер ги доби благодарение на „блиското“ пријателство со принцот и премиер на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман. Стотици милиони долари беа обезбедени и од Катар и Обединетите Арапски Емирати, преку конекции кои Кушнер ги изгради додека беше специјален пратеник за Блискиот Исток.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Азески: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

Дејан Дејан

Во Молдавија на 20 октомври референдум за ЕУ и претседателски избори

Дејан Дејан

Пукање кај израелската амбасада во Стокхолм, уапсено е 14-годишно момче

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе