Македонија Топ вести

Врховен ја објави одлуката за жалбата за притворот на таткото на Вања

Врховниот суд ја објави одлуката за жалбата за притворот на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, која минатата среда ја одби како неоснована.  Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка, која беше пронајдена мртва на 3 декември, минатата година.

„Во конкретниот случај околностите поврзани со видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, за кое постои основано сомнение дека го сторил обвинетиот, доброто кое е заштитено и последиците од истото – настанатата смрт како последица на кривично правниот настан, предвидената казна за истото, соочувањето со евентуалната можност од изрекување на ефективна казна затвор, доведени во сооднос со личните прилики на обвинетиот, особено фактот дека истиот е невработен, се околности кои упатуваат на опасност од бегство заради избегнување на кривичниот прогон и негова евентуална кривична одговорност“, се наведува во одлуката на Врховниот суд.

Во одлуката на највисокиот суд се наведува и дека со оглед на фактот што  истражната постапка не е во целост завршена и натаму постои оправдан страв и реална опасност дека обвинетиот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и останатите осомничени, како и прикривање на доказите. Судот притоа оценил и дека оправдан е стравот и од повторување на делото.

Ѓорчевски на јавната седница беше видно вознемирен и за време на неговото излагање пред судот порача дека не му е важно каде ќе ја дочека разрешницата на случајот, туку само да ја дочека.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ изјави дека обвинителството досега не доставило ниту еден доказ за делото за кое се товари Ѓорчевски, кој ниту ги познавал, ниту комуницирал со другите осомничени.

Во меѓувреме, се чека екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека таткото на Вања го информирал каде ќе биде неговата ќерка и дека ќе биде сама на кобниот ден.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе