Вести Економија Топ вести

Тендери без конкуренција и бројни сомнежи за корупција – како се трошат народните пари?!

Нетранспарентни постапки, отсуство на конкуренција и бројни сомнежи за неконтролирана корупција.

Анализите на спроведените постапки за јавни набавки покажуваат дека секој трет тендер во периодот од јануари до јуни минатата година, е склучен во постапка во која учествувала само една фирма.

Овие податоци се дел од најновиот Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки, на Центарот за граѓански комуникации.

Оттаму нотираат дека договори во вкупна вредност од 283 милиони евра, се склучени во постапка во која учествувала само една фирма.

„Тоа се рефлектира и на просечниот број на понуди на сите тендери во тој период, којшто изнесува 2,8. За првпат по 2015 година тој падна под три понуди просечно по тендер. Исто така, количините на набавките отсуствуваат во многу тендери. Не се знае колку бараат и од кој производ, фирмите што нудат не можат да рационализираат и ако е за поголема количина да спуштат цена, итн. И понатаму тоа секогаш остава простор за манипулација во фазата на реализација“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Вкупно се објавени 11.930 огласи за јавни набавки, во првата половина од 2023 година.

Речиси сите од овие огласи имаат ист заеднички критериум за избор на најповолна понуда, а тоа е најниската цена.

Само 646 набавки се спроведени врз основа најдобар однос на цената и квалитетот.

Отсуство на конкуренција има дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година.

„Она на што ние постојано апелираме е да се настојува да се купи најисплатливото во јавните набавки бидејќи се трошат туѓи пари. Сето тоа добро да се испланира, да се следи планот, да се образложуваат одлуките, да се споредува тоа што е набавено со тоа што сме сакале да го набавиме според потребата. Да се направат напори да се зголеми конкуренцијата и сето тоа да овозможи за тие пари што ги трошиме преку јавни набавки, а тоа се милијарда и половина евра годишно, да се потрошат навистина за потребите на граѓаните“, додава Филков од ЦГК.

Главна причина за сомнежи во објективноста, но и законитоста на постапувањата кога се трошеле народните пари, е тоа што одлуките донесени при спроведувањето на јавните набавки не се прецизно образложени, се наведува во Извештајот.

Вратата за корупција е широко отворена дополнително, со тоа што Секторот за контрола во Бирото за јавни набавки се намалува.

За три години, бројот на вработени во ова тело се намалил од 12 на 8, нотираат од Центарот за граѓански комуникации.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

40 дена притвор за Беким Красниќи, уапсен на Косово

Дејан Дејан

Скопјанец загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, жена му и двете деца се повредени

Дејан Дејан

Хозе Раул Мулино избран за претседател во Панама

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе