Вести Македонија Топ вести

Експозе на академик Живко Попов: Партизација на институциите, нефункционално правосудство и руинирано здравство се прашања за посебно внимание

Генерална партизација на институциите, посебно видлива во администрацијата, во регулаторните тела кои треба да бидат независни, што доведува до негирање на критериумите за квалитет, нефункционален правосуден систем и селективна правда се само дел од круцијалните предизвици на македонското општество на кои би требало да се обрне внимание со оглед на тоа што тие се перманентно тема на критика во сите годишни извештаи на Европската Унија (ЕУ), забележа претседателот на МАНУ, академик Живко Попов во своето експозе. Вистина е дека државата прави бројни квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација, додаде академик Попов.

„Тоа што најмногу ја бранува јавноста и генерира незадоволство е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители. Имено со судски совет во кој може да членуваат и оние кои никогаш немале врска со судот, а мнозинство има секогаш владеачката политичка структура и со Академија во која се запишуваат кадри повторно според претходно наведените принципи, со што на конкурс за избор на судии и обвинители не можат да се јават и други непартиски истакнати професионалци, правници, во никој случај не е возможно креирање на праведен, непартизиран правосуден систем“, изјави академик Живко Попов, претседател на МАНУ.

За првиот човек на МАНУ, здравствениот систем постепено се руинира со асиметрично учество на приватниот сектор, што како модел е меѓу ретките на Балканскиот полуостров и пошироко, доколку се знае дека Македонија е една од посиромашните држави во регионот.

„Всушност Скопскиот престижен клинички центар во регионот се претвори во единствен на таков начин организиран скап, партизиран и нефункционален болнички систем. На тој начин го снема срцето на македонската медицина од каде излегуваа квалитетни медицински кадри и беше пример за добра здравствена организација. Ако на тоа се додадат ниските лични примања, недоволното финансирање и инвестиции во инфраструктурата и опремата во државните медицински установи, како и слабиот развој на регионалните болници, логичен резултат е масовно преминување на најквалитетните медицински кадри во кои државата со децении вложувала, во приватниот сектор и во странство, со последоватолно руинирање на државниот здравствен систем и загрозување на неговата одржливост“, додава академик Попов.

Хипертрофирана мрежа на системот на високото образование, со преку 20 универзитети од кои шест-седум државни и останатите приватни, доведе до инфлација на додипломските, постдипломските и докторските студии, нивна комерцијализација, плаќање на високи партиципации во приватните високообразовни институции и оптоварување на буџетот на граѓаните, смета академик Попов. Се потценува и научно-истражувачката дејност, па така во моментов државата за истражување и развој издвојува само 0,3% од бруто-домашниот производ на земјата е меѓу најниските во регионот, четири пати понизок во однос на европскиот просек и фрапантно понизок, т.е. 10 пати понизок во однос на високоразвиентите европски земји, заклучи претседателот на МАНУ.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пентагон: Руските трупи влегоа во американска база во Нигер

Дејан Дејан

Остин: Нема индиции дека Хамас планира напад врз американски војници во Појасот Газа

Дејан Дејан

Зеленски го пречека шефот на британската дипломатија Камерон во Киев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе