Код Македонија

КОД: Владата со пиши бриши овозможила рекордни милионски тендери за јаглен

На барање на министри на ДУИ се збарануваат тендери на АД ЕСМ, а потоа нивните колеги од СДСМ ја укинуваат одлуката. Резултатот тендер од 46 милиони евра, а подизведувачи се фирми блиски до СДСМ. 

Рекле, па порекле. И тоа во рок од неполн месец. Владата носи една одлука, па потоа истата ја укинува. На едната страна е ДУИ, на другата СДСМ. Во центарот тендерите на АД ЕСМ за ископ на јаглен и помошна механизација. На двесте четиринаесеттата седница на три дена пред прославата на Нова година, Владата решава да ги врзе рацете на АД ЕСМ.

„Се укажува на Акционерското друштво за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“, во државна сопственост, Скопје, во интерес на рационализација на трошоците, во наредните шест месеци да не ги реализира тековните и предвидените набавки за ископ на јаглен и помошна механизација, како и за секоја набавка над 30.000.000 денари, да ја информира Владата, пред да донесе соодветна одлука“, се наведува во записникот од владината седница.

Во записникот од седницата на 28 декември, ја нема информацијата кој го дал предлогот. Но, точката 14 резервирана за прашања и предлози ја искористиле двајца функционери на ДУИ.

Вицепремиерот Артан Груби и министерот за економија Крешник Бектеши, според сознанијата на КОД се луѓето кои го дале предлогот во интерес на рационализација на трошоците АД ЕСМ да не врши набавки за ископ на јаглен и помошна механизација.

Но, дали интересот било да се намалат трошоците, бидејќи одлуката се укинува наредниот месец на 22 јануари. Министри на СДСМ се спротиставуваат и АД ЕСМ повторно е во милост на Владата.

Записникот од оваа седница на Владата засега уште не е јавно достапен, ќе биде прикачен од понеделник, не информираа оттаму. КОД ја потврди информацијата.

Неофицијално причината за укинување на првичната одлука е дека директорот на акционерското друштво, Васко Стефанов  се пожалил дека АД ЕСМ нема да може да работи.

Во овој период додека траела забраната електрани на северна македонија немаат распишано тендери за ископ на јаглен и помошна механизација кои најчесто изнесуваат милиони суми.

Но, затоа по укинувањето на 13 февруари добро позната фирма во бизнисот со тендери со АД ЕСМ, потпишува договор за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Рудник Брод-Гнотино за потребите на РЕК Битола. Се пријавиле три фирми, но се избрала највисоката понудена сума. Фирмата Марковски Компани ќе наплати речиси 3 милијарди денари или околу 46 милиони евра.

Врски со СДСМ

Ова е и убедливо рекордно највредниот тендер досега со битолската фирма.  Тука се и редовните подизведувачи. Три на број.  Две од нив се струмички компании „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Третата е компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље.

На струмичките фирми газдите се исти. Симеон и Горан Крстеви. Фирма на таткото и синот учествуваше и во градбата на „Глобал“ во Струмица кога градоначалник беше Заев.

Фирмата Сара Јавор Инжинеринг која е деловно неактивна ги поврзува Крстеви со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев.

И Крстеви и Вице Заев во одреден момент биле сопственици на Сара Јавор Инжинеринг. Вице Заев и ја презел компанијата од Горан Крстев на кратко во 2013 година, потоа се менувале имињата. Како последен сопственик до октомври лани е токму Вице Заев.

Со години наназад Марковски Компани е  една од фирмите кои често соработува со РЕК Битола, а е специјализирана за копање јаловина и јаглен. Само пред 4 месеци во октомври лани, за ископ на јаловина на истата фирма беа до тогаш исплатени рекордни 25 милиони евра. И тука се истите три подизведувачи. Двете струмички и едната охридска фирма.

И тендерите за ангажирање на помошна механизација за потребите РЕК Битола повторно се доделени на Марковски Компани. Последниот е од ноември, лани вреден 9 милиони евра.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред некој ден обвини дека СДСМ и ДУИ преку РЕК Битола планираат да го ограбат народот.

„Врз основа на документ кој го поседуваме, а е интерен документ од државната ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, каде што ова раководство на ЕСМ кое е пред одење и пред катастрофален пораз на избори, се обидува во последен момент на потпише годишен договор за набавка на увозен јаглен во вредност од близу 100 милиони евра, односно 5 милијарди и 950 милиони денари“, изјави Мицкоски.

Тој притоа ги предупреди вработените да не подлегнуваат на притисоците од раководство и СДСМ и ДУИ и да не потпишуваат документи.

„Сите оние кои ќе бидат соучесници во овој процес, но и оној другиот близу 3 милијарди денари, односно близу 50 милиони евра со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина кој се подготвува за омилената компанија на раководството на СДС и ДУИ и малкумина од менаџментот на ЕСМ; сите оние кои ќе бидат дел од овој процес, ќе бидат соучесници и ќе одговараат“, изјави Мицкоски.

Мицкоски во изјавата алудираше токму на Марковски Компани.

Во моментов активен тендер е и за набавката на мазут за АД ЕСМ . Рокот на поднесување е седум дена и трае до 21 месецов. ЕСМ побарува  48 766,50 тони мазут за нејзините подружници. Во огласот се наведува и дека не е дозволена делумна понуда . Количините се ориентациони и не се обврзувачки за купувачот, а рокот на испорака е 48 часа.

За сега не е познато кои фирми се пријавиле на тендерот и дали меѓу нив е и омилената на ЕСМ за набавка на мазут РКМ . За оваа фирма во која учество има и фирмата поврзана со пратеникот на ДУИ, Пуцко Петрол алармираше и Државната комисија за спречување на корупција.

Поднесе иницијатива за кривично гонење  за владата, министер, директор, службени лица и Електраните-ЕСМ во врска со набавките за ТЕЦ  Неготино.

Архива КОД

Според пријавата на ДКСК овие лица овозможувале монополско дејствување на домашниот пазар на мазут, по пат на директна интервенција. ДКСК смета дека  станува збор за јавна набавка вредна 212 милиони евра, склучена помеѓу ЕСМ и фирмата РКМ ДОО Скопје, со цел рестартирање на електраната за производство на електрична енергија минатата зима.

Според антикорупционерите  предвидената количина на мазут можела да биде испорачана за многу краток временски период, бидејќи требало да се набават 195 илјади тони мазут.

„Според сметководствената документација на АД ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони. РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана. РКМ прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут. Македонија нема акцизен склад за увоз на мазут и затоа испораката е вршена преку камионски и автоцистерни. Во договорите за испорака на мазут предвидени се минимални казнени пенали за непочитување на договорите за испорака на мазутот. Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар“, велат од ДКСК.

Но тогаш не беа посочени сите државни службеници, освен описот кој го откри поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

ТОНСКИ Горан Трпеновски, ЧЛЕН НА ДКСК

Во документот за одлуката на Антикорупциската комисија за мазутот и спорните набавки на мазут стојат само титули на оние за кои ДКСК утврдила можни злоупотреби на положбата. На прво место стои министер за економија. Во моментот на набавките и денеска тоа е Крешник Бектеши.

Токму Бектеши заедно со Груби, како што и веќе кажавме, го даваат предлогот да се стопираат тендерите на АД ЕСМ за ископ на јаглен и помошна механизација во рок од 6 месеци. Потоа Владата се премислува.

Покрај него во одлуката на ДКСК се наведени и поранешниот директор на ЕСМ, во време на набавките на мазут- Васко Ковачевски, како и повеќе непознати службени лица од Министерството за економија и повеќе непознати лица од Електрани, членови на комисијата за набавка на мазут.

Антикорупциската комисија во својата одлука навела дека државните службеници преку своите постапки и наводни злоупотреби  настапиле цитираме „со цел предизвикување на криза и пораст на цената на мазутот и со тоа остварување профит“. По зборот профит, во одлуката со цртички, се анонимизирани имиња на три компании, две се домашни, третата е странска фирма за која е потенцирано дека има и поранешно име.

КОД во неколку истражувања во текот на 2023 и 2024 укажуваше на монополската позиција на РКМ во однос на мазутот како и несоодветната испорака во однос на средствата кои беа исплаќани од буџетот на ЕСМ.

Марија Митевска

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе