Вести Македонија Топ вести

Фаќање за гуша во Сарај- градоначалникот Беџети пробал физички да се пресмета зошто сака да прави паркинг на државна земја која е под владение на Македонија турист

Истиот ден кога Македонијатурист пријавува физички напад од Беџети, Општина Сарај пријавува узурпација на јавен простор од страна на фирмата.

Објектот скоро цела деценија не работи. На дворот сега му се радуваат само локалните кози.

Општината и фирмата три години водат правна битка за дел од дворот на атрактивна локација, наспроти заградата на Општина Сарај и во непосредна близина на паркот во Сарај.

Во 2021 година, кога се проширува и реконструира Улицата 1, која поминува меѓу хотелот и Општина Сарај, општинскиот градежен инспектор носи решение за отстранување на оградата на хотелот, која е внатре во рамките на улицата. Фирмата ја отстранува железната ограда, но останува бетонското парапетче, и истовремено се жали пред второстепена комисија. Комисијата го поништува решението на градежниот инспектор, но оградата е веќе отстранета, а во 2022 година, дел од оградата им била украдена.

Објектот на Хотел Сарај е во сопственост на Македонијатурист, а дворното место е во сопственост на Република Македонија, но со право на користење на Сојузот на синдикати на Македонија. Тогашниот Сојуз на синдикати на Југославија – Градски синдикален совет Скопје во 1964 година му ги пренесува на Македонијатурист сите права и обврски врз синдикалното одморалиште и излетиште Сарај. Врз таа основа, фирмата во 2014 година поднесува барање за приватизација на земјиштето до Министерството за финансии со површина од скоро 15 илјади квадратни метри. Сè уште нема одлука.

Во 2015 година до Општина Сарај поднесува барање за легализација на објектите на парцелата. Во 2022 година им одговориле дека имаат многу работа и оти нивниот предмет не дошол на ред за разгледување.

Во меѓувреме, општината нарачува урбанистички проект за инфраструктура за изградба на јавно паркиралиште, кое треба да опфати околу 1800 метри квадратни од дворот на хотелот и да се спои со постојниот паркинг. Врз основа на тој проект, кон крајот на 2022 година Агенцијата за катастар ја разделува парцелата на која е хотелот и впишува нова парцела 10338/9 со површина од 1842 метри квадратни. Фирмата и на ова се жали пред Управниот суд.

Во септември 2022 година, врз основа на Урбанистичкиот проект, градоначалникот Беџети издава одобрение за градење на јавно паркиралиште. Фирмата се жалела пред Министерството за транспорт и врски и била одбиена, па сега се жали пред Управниот суд. Смета дека одобрението за градба е незаконско.

На почетокот на годинава, Општина Сарај распишува тендер за избор на изведувач за изградба на паркингот и веќе на 8 февруари потпишува договор со фирмата Ју Бај 2. Истиот ден работници излегуваат на терен да ја околчат парцелата, кога и настанува инцидентот.

Багери на општината го тргаат насипаниот песок на патот и го ставаат пред самиот објект.

Утредента, адвокатите на Македонијатурист поднесуваат предлог за времена мерка до Управниот суд, со барање градбата да запре со оглед дека веќе има постапка за поништување на Одобрението за градење, но сè уште нема одлука.

Во меѓувреме, Македонијатурист паркира неколку службени возила во дворот за да спречи узурпација додека случајот не добие судски епилог.

Работите стагнираат неколку дена и на 14 февруари, механизацијата доаѓа во дворот на хотелот и почнува со работа, но раководството на хотелот вика полиција, по што работите накусо запираат.

Набрзо по доаѓањето на полицијата, во дворот на хотелот дојде и градоначалникот Блерим Беџети. Вели дека полицијата ги малтретира работниците затоа што тие работат со целата потребна документација. Вели дека тие ги запазиле сите постапки и издале одобрение за градба, согласно законот. Паркингот е во интерес на сите граѓани. Ако Македонија турист смета дека е оштетена, може да се жали на суд, вели тој.

„За сè има органи, второстепени органи каде што може да се жалат, каде што се жалеле во Министерството за транспорт и врски, има одговор за ова. Може да се жалат и на други места. Факт е дека има процес за легализација, но тоа не значи дека земјиштето, сè што е во таа катастарска парцела, априори треба да му припадне на еден сопственик кој има такво барање. Јас водам општина, не водам суд. Тие може да бараат, мене кога ќе ми стигне, јас постапувам по одлуки на органи, а не по желби на Македонија турист“, вели Беџети.

Тој најави претставка до МВР затоа што полицајците ја попречуваат работата. По кусиот разговор со Беџети, полицајците си заминаа, а багерите продолжија со работа.

Сè уште копаат само околу паркираните возила на фирмата.

Македонијатурист смета дека со тоа што Општината сака да им одземе дел од дворот кој излегува на главната улица, сака да им го обезвредни објектот.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе