Вести Македонија Топ вести

Скопје повторно во топ 10 најзагадени градови во светот

Скопје повторно меѓу десетте најзагадени градови во светот – се најде на седмо место со индекс на загаданост од 165, веднаш по Сараево, Пекинг и Катманду. Загадувањето е проблем кој треба да го решаваме сите, не само Министерството за животна средина, смета Шукова. Доколку имаме предвид дека, според анализите, домаќинствата кои се греат на дрва се оние кои најмногу загадуваат, најважно е да се подигне свеста кај граѓаните.

„Ние не можеме да влегуваме во приватните домови и да вршиме инспекција, поточно тоа го прави Државниот инспекторат. Можеме да даваме препораки, да повикуваме на совест кај граѓаните, да не се пали се останато покрај дрвата. Дрвата, во принцип сме го правеле овој разговор, дали се суви или се мокри има влијание, но поголемо влијание има дали се додава пластика, се горат гуми, се горат отпадни масла“, изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

И додека нештата се оставаат на совеста на граѓаните за еколошка одговорност, дискутабилно е дали има доволен број на инспектори на ниво на цела држава и дали има потреба да се менува законот за истите да имаат пристап во домовите на граѓаните. Според Стојковски, важно е кога се говори за одговорност да се имаат предвид и општинските инспектори и улогата на градоначалниците во справувањето со загадениот воздух.

„Државниот инспекторат, како и многу други институции, кубури со инспектори. Во моментов имаме 23 инспектори од кои 18 се за животна средина. Надлежностите се поделени. Сега за сега тоа е двотретински закон и за промена треба да се промени во Собрание. Ние пред година дена, на барање на власта, дадовме мислење кое го поддржа и Министерство за животна средина да имаме единствен инспекциски систем за целата територија на државата, како би се понела одговорност, кој ќе биде одговорен од областа на животна средина“, изјава телефонски Сретен Стојковски, директор на Државен инспекторат за животна средина.

Додека надлежните институции си ја префрлаат топката чија е одговорноста за загадувањето, Меѓународната агенција за истражување на ракот при Светската здравствена организација излезе со податок дека до 2050 година ќе има за 77 проценти повеќе заболени од рак. Најголеми виновници се тутунот, алкохолот и дебелината, додека загадувањето на воздухот е сè уште главниот ризик фактор од животната средина.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе