Вести Свет Топ вести

Блискиот Исток може да експлодира во секој момент – Ирак, Иран и Сирија со осуда на американските напади, САД најавуваат нови

Светот е на нозе. Блискиот Исток може да експлодира во секој момент. Европската Унија предупредува дека конфликтот меѓу Израел и Хамас може да го запали целиот регион, Русија побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. САД, пак, порачаа дека синоќешните напади врз 85 цели на седум локации во Ирак и во Сирија се почеток на одговорот за убиствата на тројца американски војници во Јордан, но и за константните напади брз нивни припадници по 7 октомври и почетокот на војната во Газа.

Високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел повика на воздржаност од сите страни за да се спречи ескалација. Предупреди дека Блискиот Исток е буре барут, алудирајќи на војната во Газа, на насилството долж либанската граница, бомбардирањата во Ирак и во Сирија и нападите врз комерцијални бродови во Црвеното Море.

Официјален Багдад ги осуди синоќешните американски воздушни напади, нарекувајќи ги нова агресија врз суверенитетот на Ирак. Ирачката влада предупреди дека сигурноста на земјата и на регионот се движи кон провалија со несогледливи последици.

Во меѓувреме се огласи и портпаролот на Харакат ал-Нуџаба, една од главните милиции во Ирак која има поддршка од Иран. Тој ги осуди американските напади, но истовремено порача оти немаат влијание, бидејќи локациите врз кои се дејствувало, биле празни. На Вашингтон му порача дека мора да разбере оти секоја акција предизвикува реакција.

САД синоќа изведоа бран на воздушни напади врз три локации во Ирак и четири во Сирија кои се поврзуваат со Иранската револуционерна гарда и милициите блиски до неа. Мета на американските авиони беа командни и контролни штабови, разузнавачки центри, места за складирање на беспилотни летала и други објекти. Во нападите, според сириската опсерваторија за човекови права, бројот на загинати лица се искачи на 45 додека десетици луѓе се повредени. Вашингтон најави нови напади чија цел, според американски официјални лица, е нарушување на капацитетите на оската на отпорот која ужива поддршка од Иран за нови тензии во регионот.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пентагон: Руските трупи влегоа во американска база во Нигер

Дејан Дејан

Остин: Нема индиции дека Хамас планира напад врз американски војници во Појасот Газа

Дејан Дејан

Зеленски го пречека шефот на британската дипломатија Камерон во Киев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе