Вести Емисии Код Македонија

КОД: Градинар ја кренал рампата пред М-НАВ, организиран упад или непланиран инцидент, кои министри се плашеле од синдикална победа

(Прилогот е објавен во емисијата КОД: „Реконструкција на упадот во М-НАВ“ од 14.01.2024.)

Четворица осомничени за тешко дело против безбедноста на воздушниот сообраќај, повеќе полициски возила со ротации се паркираа зад кривичниот суд, а со нив беа 4-ца приведени. Најпознат беше водачот на групата Беким Незири, поранешен министер за економија, поранешен директор на Фондот за пензиско осигурување, актуелен советник на директорот на МНАВ и претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир.

Втор во низата приведени беше Абдиљ Османи, вработен во МНАВ.  Трет кој со насмевка влегуваше во судот е Рамадан Брава, близок соработник на Незири. Последен во низата беше Алмир Рамдедовиќ, вработен во приватна фирма за обезбедување кој што бил на смена на рампата преку која влегла групата на Незири. Судот прво не им определи притвор, но, по жалбата на обвинителството, кривичниот совет ја преиначи одлуката и им определи куќен притвор.

30 часови пред да стигнат првите осомничени во судот, пред контролата на летање имаше прес конференција на синдикатот на контролори. Беа повторени барањата за нормално вработување и обвинувањата дека менаџментот прима партиски членови во МНАВ. Јавно беа изречени и првите сомнежи за злоупотреба.

Реконструкција: Прес конференција како повод, градинар на МНАВ кревал рампи

Тасевски на прес конференцијата посочи пример кога требало да се гради зграда за потребите на М-НАВ но наместо тоа била реновирана гаража од 280 метри квадратни за која било платено 400.000 евра. На снимателите им велеше ако ја гледате таа зграда, а „всушност и да се завртите таму нема ништо“.

Прес конференцијата беше точно на пладне, а обединети по сите мерила, контролорите на летање, упатија јасна синдикална порака.

После таа порака, има комуникација меѓу контролорот и членот на Синдикатот Премтим Бериша и советникот на директорот на МНАВ, Беким Незири. По телефон се спречкуваат и расправаат откако Бериша не ги прифаќа наводите на Незири за синдикатот. Завршува бурно разговорот, по што Незири собира поголема група колеги, но и други пријатели.

Со 4 возила се упатуваат кон контролата на летање на аеродром. Кога стигаат на рампите, кај внатрешната втора ги чека Абдиљ Османи. Бил на работа во МНАВ каде е вработен како градинар, но по повикот на Незири излегол од објектот до внатрешната рампа. Му кажал на Алмир Рамдедовиќ дека по наредба на Беким Незири треба да ја дигне надворешната прва рампа, и да ја отвори втората внатрешна. Групата од 4 автомобили застанува пред влезната врата, а тројца од групата прават аматерски периметар околу влезната врата за да го покажат значењето на оние што доаѓаат.

Обвинителството првично соопшти дека против 8 лица е отворена истрага за загрозување на бебзедноста на воздушниот сообраќај, но според информации на КОД, целата група на Незири односно сите оние кои учествувале во инцидентот биле вкупно 11 на број. Од 11 луѓе,  обвинителството успеало да идентификува за еден ден вкупно 8-мина кои се осомничени, и од кои 4-ца се уапсени.

Реконструкција: Туркање и викање додека во контролата наведувале 28 авиони

Групата од 11 луѓе потоа влегува внатре на главниот влез. Се качуваат на првиот кат и вртат лево каде преку пониски скали се поткачуваат во лево, или на северната страна од зградата каде е просторијата за навигација, местото од каде се наведуваат авионите како да летаат преку македонското небо.

Од вкупно 11 во групата, 6-мина биле вработени во МНАВ, но 5-мина други биле целосно непознати на вработените во МНАВ. Пред навигациската соба, контролата на летање, преку мал ходник, коридор до вратата се доближиле само неколкумина, оние кои биле вработени. На влезот во просторијата има читач, со картичка се отвара вратат за да се влезе внатре.

Таква картичка имал Беким Незири, но и останатите вработени. Не влегле во просторијата во која во тие мигови, контролорите наведувале 28 авиони, дали за прелет преку државата или за слетување и полетување. Еден од контролорите им се испречил пред вратата која се затворила. На глас го барале Премтим Бериша кој не бил во просторијата.

Галамата ја слушнале контролорите на смена, но и раководителката на смена која излегла од својата просторија за да праша што се случува. Контролорот кој ја одбранил навигациската соба и кажал да се повлече во својата канцелкраија и веднаш да пријави на полиција за инцидентот. Пријавата до полицијата била во 15:15 часот

Напаѓачите пак успеале да налетаат на контролорот Бериша во ходникот кој водел кон директорските канцеларии. Му се нафрлиле и почнале да му се дерат, најгаресивни биле Беким Незири, Ерсен Сали, кој е во бегство и уште едно невработено лице во контролата. Во еден момент, Ерсен Сали го удрил по главата Бериша, во пределот на увото.

Тогаш 8-мина од групата почнале да ги раздвојуваат тројцата најагресивни, по што сите успеале да влезат во чајната кујна на катот каде нема камери.

Реконструкција: Незири со поинаква приказна, синдикалната борба -причина

Од одбраната на Незири тврдат дека тој не влегол во навигациската соба ниту пак имал намера тоа да го прави со службена картичка. Никогаш немал намера да влегува во контролата на летање, тврдат неговите адвокати.

ВЕРЗИЈА НА ОДБРАНАТА НА БЕКИМ НЕЗИРИ: Пред да оди во МНАВ имал вербална телефонска расправија со Премтим кој работи во МНАВ  поради учеството во Синдикатот и поддршката на барањата на Синдикатот.

Со своето возило и со уште еден човек кој не е вработен во МНАВ, а со кој претходно седел, оди на аеродромот во МНАВ. Влегува со своето возило, немало ниту едно друго возило со него, и велгува во зградата оди во својата канцеларија Гостинот останува во канцеларијата.  Беким оди кон ходникот и го бара преку колегите кои работат во Контролната кула, Премтим.

Во меѓувреме стасуваат автомобил по автомобил  и останатите од групата главно вработени во МНАВ. Според него, од осуммината само еден не е вработен во МНВА туку е поранешен вработен. Беким Незири во својот исказ тврди дека воопшто не бил во близина на вратата на просторијата каде се врши контрола на воздушниот простор туку бил во ходникот најмалку 30 до 40 метри оддалечен од таа просторија. 

Има две сигурносни врати за да се стаса до клучната просторија. Незири според исказот не отворил ниту една од двете врати ниту се обидел да го стори тоа со својата картичка. Тој во исказот тврди дека воопшти и не се случил инцидентот на катот каде е просторијата каде се врши контролата  на летови. 

За да се стаса до таа просторија има две безбедносни врати и осум скали. Премтим доаѓал од тоалетот бидејќи во тој момент бил на пауза, Беким му се приближува и почнуваат кавга заради поддршата на Премтим на Синдикатот. Беким се врти за да замине кон својата канцеларија. Кога почнува да чекори во тој правец во тој момент Ерсен го удира во лицето Премтим по што присутните ги разделуваат. Незири тврди во своја одбрана дека сето ова може да се види на снимките.

Контролори тврдат безбедноста на објектот и вработени беше загрозена

За тоа време, во контролата на летање, контролорите управувале со 28 летови на воздухоплови на небото на Македонија. Сите слушале галама и бука, а еден од контролорите ја предал навигацијата врз еден авион на помошникот до него за да види што се случува во ходникот. Сите биле вознемирени, но останале прибрани и успешно ги воделе авионите по небото.

Еден од искусните контролори за КОД брифираше дека смената не дозволила нарушување на безбедноста на авионите. -Во ниту еден момент не беше загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај, но беше загрозена безбедноста на објектот и безбедноста на вработените. А тоа може да доведе до загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај, беше прецизен нашиот соговорник.

Токму тоа може е дел и од членот на Кривичниот законик по кој се гони групата на Беким Незири. И адвокатите, и судот, но и политичарите тврдеа дека нападнатиот контролор немал лекарско уверение за повреди поради што не би требало да се гони групата на Незири од ДУИ.

Но, во меѓународната конвенција за бебзедност во воздухопловниот сообраќај потпишана во Монтреал, 1988-ма, нема такви небулози кои ги споделуваа правниците и политичарите од Македонија, се што може да ги наруши аеродромските услуги, меѓу кои е и навигација е кривично дело. А во Македонија за такви дела минимална казна е 5 години затвор.

Иако полицијата била известена за инцидентот од раководителката уште во 15:15, тие не дошле веднаш. Потоа од синдикатот го алармирале министерот за транспорт и врски Благој Бочварски дека се случил сериозен инцидент во контролата на летање. Тогаш Бочварски барал побрза реакција, по што во кулата интервенирале инспектори. Претходно, насилниците од групата на Незири заминале од Петровец.

Контролорите на смена успеале да ги алармираат и вработените во кулата кои биле задолжени за снимките од безбедносните камери. Им било кажано да ги осигураат камерите и снимките за да не се случи некој да дојде како за крвавиот четврток во Собранието и да ги избрише. Двајца вработени ги обезбедиле до доаѓањето на инспекторите на МВР кои до после полноќ ги прегледувале снимките.

Влада со смени го гасне пожарот, министри с страв од синдикална победа

Дел од средувањето на работите падна и на грбот на владата, 5 дена по инцидентот, на седница се собраа министрите, од сите партии и сопартијците на Беким Незири. Во истата сала, до 2016-та седел како министер за економија и водачот на групата Незири.

За ефикасна политичка разврска, премиерот Ковачевски најави смена на директорите. При дебатата било посочено дека менаџментот не успеал да ја среди состојбата и да овозможи ефикасно функционирање на контѕролата на летање, која по сите дефиниции е на врвното место во системот на критична инфраструктура за сообраќај.

Двајца министри од ДУИ, Бујар Османи и Крешник Бектеши почнале да ја префрлаат вината на синдикатот, а на премиерот му сугерирале дека ако бидат сменети директорите во МНАВ тоа би се толкувало како попуштање на синдикатот на контролорите на летање.

Таквата дискусија била прекината од прeмиерот дека воопшто не станува збор за состојба која би се толкувала како победа или пораз, туку за состојба која бара итна реакција поради воздушниот сообраќај и меѓународните обврски на државата. Потоа се пристапило кон избор, а прв предлог за директор бил Илир Мехмеди од Агенцијата за цивилно воздухопловство, којшто не ги исполнувал условите за директор бидејќи не бил активен контролор на летање.

По неколкучасовно пеглање на разликите, за генерален директор бил предложен Хакуран Асани, контролор со речиси 20 години искуство, а роден во Зајас, родното место на Ахмети. За втор член на Управниот одбор и технички директор е избран Милан Кораќ, а финаниски директор и трет член на менаџментот останува Хасим Деари.

Предизвик: Како да се спаси безбедноста на М-НАВ и да се прекине партизацијата

Но, владата и политичарите мора да решат уште еден проблем, како сега да се обезбедува контролата на летање која беше нападната од група водена од вработени. Порано во контролата на летање се влегуваше преку заеднички влез на аеродромот, а за вработување на лица за безбедност и на објектите и на воздушниот сообраќај задолжително имало и безбедносни проверки и сертификати за класифицирани информации.

Но, тоа при одвојувањето на МНАВ од Агенцијата пред петнаесетина година е променето и значително се опаднати критериумите со што во кулата е овозможено вработување или влез и на безбедносно проблематични лица. Промената најдобро ја искористиле партиите кои во администрацијата пикале подобни и блиски кадри, но како врвна цел на партзиацијата го гледале и заземањето на навигациската соба.

И поради високи плати и поради можност за партиска контрола на витален објект за критична инфраструктура. Но, освојувањето засега е запрено. Иако таквите освојувачки идеи сигурно уште живеат во партиските штабови.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во емисијата „Реконструкција на упадот во М-НАВ“ беше емитувана на 14.01.2024.

-Во емисијата е објавено и дека роднини на тројца министри се вработени во М-НАВ. Неколку членови од семејство на поранешен пратеник на ДУИ исто так асе вработени во контролата на летање. 

-Кои се членовите на групата на Незири. Некои работеле во Германија, па си дале отказ. Имало и кражба на 7 тони гориво.

-Делото за кое се гони групата на Незири е според обврските на државата од меѓународна конвенција за безбедност на воздушниот сообраќај. Кои се карактеристиките на тоа кривично дело.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе