Вести Свет Топ вести

Израел методично напредува во Газа, преминот Рафа денеска затворен за цивили

Игор Трајков

Жестоки борби продолжуваат во северниот дел на Појасот Газа, каде израелската армија започнува едно по едно да ги елиминира упориштата на Хамас. Израелската армија денеска објави дека нејзините војници откриле фабрика за производство на ракетни фрлачи во Газа, која била лоцирана во станбена зграда и во непосредна близина на училиште. Тоа, според Израел е уште една потврда дека Хамас ги користи Палестинците во Газа како човечки штит.

„Во Појасот Газа сме веќе два, два и пол денови. Од петокот вечерта до денеска. Ова се две недели долги борби. Ова не е операција, ова е војна. Ќе биде потребно време. Ќе ни биде потребно време додека Хамас не престане да постои.“

Коридорот за евакуација денеска е повторно отворен, откако вчера преку него северна Газа ја напуштија 50.000 Палестинци. Коридорот е отворен веќе петти ден, но вчера беше прв пат поголем број цивили да се осмелат да тргнат на опасното патување на југ. Израел инсистира дека пред секој воздушен напад или копнена рација во северниот дел на Газа, ги предупредуваат цивилите да се евакуираат од околината на тие напади.

„Се обидуваме да не повредуваме невини луѓе. На сите луѓе кои живеат овде им упатуваме навремени известувања, знаете, дека доаѓаме и дека треба да се евакуираат јужно од езерото Газа, да одат на југ. За да бидеме сигурни дека секој што останал овде, дека овде има само непријатели.“

Во меѓувреме, интервјуто на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ЕјБиСи Њуз, во кое кажа дека по војната Израел ќе ја преземе одговорноста за обзбедување во Газа, многу американски политичари јавно го изразија своето несогласување. И самиот државен секретар Ентони Блинкен, кој од почетокот на војната повеќе пати го посети регионот, изјави дека Палестинците мораат да учествуваат во идното уредување на Газа, која треба да биде обединета со Западниот Брег под раководство на Палестинската самоуправа. Истиот став го повторија и од Белата куќа.

„Веруваме дека Палестинците треба да одлучуваат за сопствената иднина и тие треба да бидат одлучувачкиот глас и фактор во својата иднина.“

По неколку денови спорадично отварање за влез на хуманитарна помош и излез на цивили со двојно државјанство, како и повредени Палестинци, преминот Рафа денеска е затворен за цивилите. Причина за тоа засега не соопштија ниту Израел, ниту Египет, освен тоа што Хамас бара да биде дозволена евакуиација на поголем број повредени цивили.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД: Хамас на маса има исклучително великодушна понуда од Израел

Дејан Дејан

Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години, пресметале ООН

Дејан Дејан

Маж со мачета нападнал луѓе во североисточен Лондон

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе