Вести Македонија Топ вести

Конференцијата на ОБСЕ за Османи е „настан од друга лига“ и затоа чини милиони евра

Конференцијата на ОБСЕ е друга лига, па затоа нејзината организација, државата ќе ја чини неколку милиони евра. Ова може да се заклучи од зборовите на нејзиниот домаќин, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според тендерите, објавени досега, предвидено е за оваа намена да се издвојат речиси 3 милиони евра. Околу 1,8 милиони евра ќе се потрошат за адаптација на салата Борис Трајковски, каде ќе се одржи настанот. Потоа речиси 600 илјади евра за изнајмување на возила за  гостите и речиси половина милион евра за интернет и аудио и видео опрема за потребите на конференцијата.

Османи вели дека од старт при утврдување на Буџетот имале идеја колку ќе бидат трошоците, а државите кои претходно организирале вакви конференции потрошиле од 5 до 8 милиони евра. Но, како што рече,  се далеку под тие средства.

„Видете јас ги разбирам реакциите затоа што не сме навикнати на настани од ваков вид. Ова е друга лига за нашата држава и се разбира дека кога споредуваме со други настани можеби ни изгледа дека се поголеми. Меѓутоа настани од такви историски димензии се разбира дека има одредени трошоци во тоа“, рече Османи.

Но, точната сума министерот не ја откри.

„Ќе ви кажеме на крај кога ќе заврши конференцијата. Ќе направиме пресек по однос на сите трошоци што се направени“, посочи министерот.

За тендерот на изнајмување на возила Телма претходно јави дека еден вип автомобил МНР за потребите на ОБСЕ на ден ќе ја чини 550 евра. Истото возило за редовните потреби на МНР чини 180 евра. За обичните граѓани пак да го изнајмат од фирмата која го доби тендерот АБЦ РЕНТ А КАР ТУРС е 300 евра. Ист е случајот и со другите возила наведни во тендерот.

Османи информира дека се работи за рамковна спогодба, односно најпрвин ќе се исцрпат возилата кои ги имаат институциите, па потоа остатокот кој не може да се обезбеди ќе се изнајмува. Османи се правдаше дека цените не ги утврдува МНР, туку фирмата.

„Ние имавме законска процедура во која што имаше една понуда. Цените ги утврдува понудувачот и ние склучуваме договор со таа понуда, согласно законот за јавни набавки. Апсолутно нема никаква дилема. Никаков сомнеж по однос на целата таа постапка. Најдомаќински е постапено согласно стандардите на ОБСЕ, запазувајќи ги домашните закони и процедури“, рече Османи.

Конференцијата започнува на 29 ноември со неформална вечера на лидерите.  Официјалниот дел стартува утредента, а на самитот ќе стане збор за  предизвици на ОБСЕ  и функционалноста на организацијата.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе