Вести Свет Топ вести

Сите имаат домашни задачи – порака од Самитот во Гранада до земјите кандидатки за членство во ЕУ

Шефовите на европските држави и Влади во Гранада го отворија прашањето за проширувањето на Европската унија. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Борел, нагласи дека 2030-та не претставува прецизен датум туку хоризонт кој треба да ја мобилизира политичката енергија за да не се губи време.

„Треба да работиме со прилагоден пристап, со јасна мисла дека мора да се истурка проширувањето побрзо отколку во минатото. Сега кога Украина стана кандидат, таа доаѓа како последна, ќе ги турка и другите земји кои веќе чекаат. Редицата ќе почне да се движи побрзо. Значи треба да почнеме брзо и со прилагоден процес – тоа е многу важно“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен потсетува дека ЕУ има долга историја на проширување, но сите мора да бидат подготвени за членство.

„Сите имаме домашна задача. Се разбира дека кандидатите за членство имаат домашна задача за да пристапат во ЕУ, но и ние како ЕУ имаме своја домашна задача. Европската комисија работи на разгледување на различни политики, погледи и полиња за да бидеме сигурни дека ние сме подготвени за проширувањето“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Комесарот Вархеји, кој присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес во Тирана, најавува дека наредната година ЕУ ќе биде подготвена за нови членки.

„Главната порака е: имаме јасен сигнал дека членството за Албанија доаѓа. Членството доаѓа  и за Западен Балкан. Ќе слушнете уште нешто што доаѓа во оваа насока. Тоа е планот за раст што ќе го објавиме за Западен Балкан, а треба веднаш да го забрза проширувањето почнувајќи од први јануари идната година. Така ќе можеме да пречекаме нови членки толку брзо колку што ќе бидат подготвени. Ние сме подготвени“, истакна Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.

И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, упати апел на двете страни: земјите кандидатки да спроведуваат реформи, а ЕУ да се подготви за прием на нови членки.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе