Борба против Лажни вести

Со ‘дозвола’ на институциите во забранет лов на мечки

Појавата на мечки во мавровските населени места во македонската јавност предизвика бурни реакции, но ширење на лажни вести и дезинформации. На социјалните мрежи од страна на некои ловџии се пренесуваа предлози за убивање на овие со закон заштитени животни во цел заштите на жителите во општина Маврово и Ростуше. Институционалната некоординираност и недостигот на официјлна реакција беа во корист на создавачите на дезинформации за тоа кој би го извршил ловот на опасните животни кои го загрожуваат животот на граѓаните.

Ангелов: Ги сакаме мечките но, повеќе ги сакаме луѓето

Директорот на управување со кризи, Стојанче Ангелов, во вторникот (29.09.2023) ги посети општините Маврово и Ростуше, по што истакна дека населението во селото Жировница е исплашенo, бидејќи мечките секојдневно се шетаат и влегуваат во нивните дворови.

Ангелов соопшти дека има секојдневни напади на пчеларници, но и секојдневни случаи на убивање на овци, кози и крави, кои локалното население ги чува во и околу селото. Директорот на ЦУК напомена дека отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната, кон која не се стремат, но порача дека животот на граѓаните е секогаш на прво место.

  • Ќе ја разгледаме опасноста. Од самите мешани беа детектирани неколку мечки кои покажале агресивно однесување и кои што веќе имаат влезено во неколку куќи. Ги кршат вратите и пробиваат внатре, рече Ангелов на прес-конференција. Тој додаде дека Владата е таа која што треба да одлучи што понатаму. Наша цел не е отстрел на овие благородни животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, потенцира Ангелов и соопшти дека за во понеделник е свикан состанок на група за проценка, на која ќе се одлучи како да се реши проблемот. Општината Маврово и Ростуше донесе одлука да побара од Владата да биде прогласена кризна состојба на територијата на нивната општина поради зголеменото присуство на кафената мечка.

Невладините и екологистите во одбрана на мечките

Додека се чека владина одлука за справување со проблемот со се почестата појава на мечки во мавровскиот регион, македонските еколошки друштва го изразија својот дециден став дека не поддржуваат отстрел на мечките.

Ден по посетата на Ангелов на Маврово и Ростуше, со апел до институциите се јави здружението за заштита на животните „Анима мунди“. Побараа институциите сериозно да се вклучат во решавање на овој проблем, да се консултираат со експерти и да најдат решение кое нема да вклучува смрт за мечките.

Тие побараа да се спроведе обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест.

  • Мечката е важен и витален дел од националните паркови т.н. инжињер на екосистемот. Таа го одржува балансот во екосистемот, ја зголемува вегетацијата во шумите. Поради очигледната неможност да се прехрани во своето природно живеалиште заради човековото влијание и уништување на шумските предели истата нашла лесен начин да дојде до храна кај човекот, кантите за отпадоци и дивите депонии, велат од Анима мунди (30.09.2023).

Вчера (04.10.2023) од Македонското еколошко друштво (МЕД) порачаа дека не поддржуваат отстрел на мечките, со оглед на тоа што недостасуваат сознанија за нивната бројност. Според нив, факторите кои влијаат на поголемото присуство на кафеавите мечки во близина на населените места вклучуваат интеракција со нејзините живеалишта, расположливост на храна како и отсуство на активна заштита на стоката и пчелните семејства.

  • „Во многу земји во Европа е препознаен проблемот дека диви депонии и ѓубришта близу населените места, особено во руралните средини, нудат лесно достапен извор на храна, кои мечките зачестено го искористуваат. Ова подразбира и дека тие со време се навикнуваат на овие места, и стануваат ‘похрабри’, односно, помалку претпазливи од присуство на луѓе. Сето ова дава основа за потенцијален конфликт со луѓето и создавање на т.н. ‘проблематични’ мечки“, велат од МЕД.

Според еколозите, за да се избегне ваква ситуација, потребно е подобро управување со отпадот, намалување на притисокот врз живеалиштата на мечката и конципирање превентивни мерки за нејзино одбивање. Мерките опфаќаат контејнери со заштитен механизам против мечки, електрични огради, звучни и светлосни ефекти, канти со инсталиран солзавец или пак гумени куршуми.

Отстрел со дозвола на институциите?

Нема да биде прогласена кризна состојба на подрачјето на општина Маврово и Ростуше иако тоа го бараше локалната власт од Владата. Проценката е дека не се исполнети условите за тоа. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, за медиумите изјави дека не се планира отстрел на мечките, но доколку агресивна мечка ги нападне населението, со дозвола на институциите истата ќе биде застрелана.

Според министерто за земјоделство, иако не е надлежно, за овој проблем, но ситуацијата е причина повеќе да се донесе законот за ловство и дивеч кој е во собраниска процедура, и со кој е регулирано како треба да се постапува со дивите животни кога го загрозуваат животот на локалното население.

Владата ќе ги брани луѓето од мечките со превентивни мерки

Во вторникот (03.10.2023) на редовна владина седница беше разгледан Записникот од седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи, со којшто членовите на Владата се запознаени со состојбите за зголемено присуство на мечки во населените места на Општина Маврово и Ростуше.

Владата ги разгледа превентивните мерки предложени од страна на надлежните министерства, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пришто е изразено очекување за ефикасна примена на мерките.

  • Еве што содржат превентивните мерки: во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката. За таа цел, локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк Маврово, согласно нивните надлежности, треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта.
  • Со утврдените превентивни мерки е предвидена и контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и коишто се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.

Кафеавата мечка (Ursus arctos), согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во војна кој нарачува лажни анктети, а кој лажни документи

Дејан Дејан

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе