Борба против Лажни вести Вести Македонија Најважни

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се вратила на старите рецепти на пропагандата од времето на Груевски и дека го злоупотребува јавниот сервис МТВ за нарачани анкети.

„Голем скандал е на повидок. Се потврдува дека лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 05.12.2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести. Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува“, објавија социјал-демократите на својот ФБ профил.

Според објавата, планот предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. „Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта.“- обвинува СДСМ и тврди дека според документот ВМРО-ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести.

Лажни вести и фалсификувани документи, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија  најави дека ќе поднесе тужба за клевета против Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ако оттаму денеска не се извинат поради обвинувањето дека „серијата предизборни анкети објавени на јавниот сервис во изминатиот период се лажни и по нарачка од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.“

За документот (горе) објавен од СДСМ, опозиционерите велат дека не постои и измислени се сите документи, во кои според владечката партија е објавен план за реализација на шема за пласирање лажни вести за рејтинзите и партиите.

„Најостро и изречно ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС. Сметаме дека изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз“, возвратија жестоко од ВМРО-ДПМНЕ.

Потписите на документот, како што додаваат од опозициската партија, се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.

„Иако видовме дека за СДС е нормално да го погреши презимето на својот лидер Ковачевски, веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста“, заклучуваат од партијата на Христијан Мицкоски.

„Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ. Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на  Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски“, велат социјалдемократите во својата обвинувачка објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Претходно ПорталX објави видео сторија со дел од документите за оперативниот план и наводи за конкретни зделки и активности од планот реализирани во Јавниот сервис и во една општина во Скопје.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронајдени уште 10 загинати, вкупно 76 жртви во пожарот во хотел во Турција, приведени девет лица – утре Ден на жалост во земјата

Дејан Дејан

Први реакции по извршните наредби на Трамп- мигрантите, екологистите, здравствените и економските власти се загрижени

Дејан Дејан

Приведени четири лица за пожарот во хотелот во кој загинаа 66 луѓе – Ден на жалост утре во Турција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе