Вести Македонија Топ вести

Македонија би испловила на чело со принципот „регата“ на ЕУ, но со затворени билатерални прашања

Принципот на „регата“ за проширувањето на Европската унија не е нова идеја, која доколку стане реалност можно е да ја исфрли Македонија напред во групата кандидати за членство во Унијата. Ова е ставот на Симонида Кацарска од Институт за Европска политика за предложената реформа за проширувањето, во документот на француско-германската експертска група за институционални и длабински реформи на Унијата, објавен вчера, за која вели дека вака ставена на хартија се спротивставува на дел од дискусиите во Унијата за геополитичка Европа и потребата да се внесат во Унијата сите земји кои се во чекалната.

„Ние како земја сме добро усогласени. Значи ние ако смогнеме политичка волја за да испорачаме на дел од реформите, веројатно би можеле да излеземе напред заедно со Црна Гора, доколку се носиме со нашите билатерални прашања и спорови. Нам во контекст на регатат она што ни оди во прилог е високата усогласеност којашто е споредлива со Србија и Црна Гора и за која, и Комисијата и земјите-членки, се свесни“, вели Кацарска.

Сепак смета Кацарска, се уште не се знае колку политички носителите на одлуки во ЕУ би сакале да го „раздробат“ процесот на неколку групи.

Предложените пак реформи за носење на одлуки со квалификувано мнозинство во Европскиот совет, според Кацарска пак е една од најголемите револуции на предлогот.

„Квалификувано мнозинство во Советот е еден од најхрабите предлози коишто ги има овој документ, меѓутоа предлага и три начини на коишто би можел да се амортизира тој удар. Односно, да се реалоцираат гласовите во Советот за да може помалите земји да добијат поголема тежина, бидејќи едно од клучните прашања секогаш е бројот на гласови коишто го имаат големите држави Франција и Германија, од кои доаѓа овој предлог. И очекуваме, веројатно овој предлог, да креира прашалници во Германија и во Франција, бидејќи ефектино ја намалува нивната бројка на гласови“, смета Кацарска.

Притоа нагласува Кацарска мора да се прави разлика меѓу предлог-реформата за носење одлуки со квалификувано мнозинство во Европскиот совет за што е потребно менување на Договорите на ЕУ, и квалификувано мнозинство за отворањето и затворањето на кластерите и поглавјата во пристапните преговори на земјите-кандидати.

„Во однос на проширувањето постои оној предлог за квалификувано мнозинство во одредени чекори, внатре во процесот, коишто реално не се регулирани со Договорите на ЕУ“, вели Кацарска.

За тоа колку овој француско-германски експертски извештај ќе ги придвижи намерите на Унијата да се реформира и ќе биде прифатен од земјите-членки, Кацарска е на став дека она што е сигурно е дека документот ќе биде сериозно разгледан бидејќи доаѓа од Франција и од Германија, без оглед што не се води како официјален став на двете земји.

„Прашање е колку, што и на кој начин, од овие предлози ќе биде преземен за дискусија помеѓу одлучувачите во Европската унија“, вели Кацарска.

Извесно е, смета таа дека овој документ веќе креира притисок врз Европската комисија дека мора да даде поопипливи планови за реформа од досега, како новата методологија во 2019 и инвестициските планови.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе