Борба против Лажни вести

Нападите на мостот на Керч- теснец меѓу лагата и вистината

Сообраќајот преку мостот меѓу Крим и Русија, кој служи како клучна рута за снабдување на силите на Кремљ во војната против Украина, беше запрен на 17 јули 2023 година, откако дел од него беше разнесен, при што загинаа неколку луѓе.

Мостот, долг 19 километри, преку Керченскиот теснец е директната врска меѓу Русија и Кримскиот полуостров, што го анектираше Русија од Украина во 2014 година.

На денот на нападот новинската агенција „РБЦ Украина“ објави дека на мостот се слушнале експлозии, а во исто време руските воени блогери објавија точно два удари. Каде е вистината за нападот, која од завојуваните страни го изврши и на кој начин?

Кремљ ја обвинија Украина за нападот, Киев одрекува

Руските власти објавија дека мостот претрпел големи оштетувања, дека еден дел е кренат во воздух и дека има две жртви, мајка и татко, нивната ќерка е повредена. Рускиот национален антитерористички комитет соопшти дека нападот на мост кој поминува преку Керченскиот теснец го извршиле две украински беспилотни летала.

Според Греј зона (Gray Zone), многу следен Телеграмски канал поврзан со платеничката група Вагнер, имало два напади на мостот и тоа во 3:04 и 3:20 часот.

Руските власти соопштија дека нападот не ги оштетил столбовите на мостот, туку ја оштетил „палубата“ или првиот слој на дел од едната сообраќајна лента.

По шестчасовен застој железничкиот сообраќај преку мостот беше обновен.

Откако руските власти ја обвинија Украина за нападот, официјален Киев тоа го одрекуваше и не ја презеде одговорноста.

Портпаролка на Јужната команда на украинската војска, Наталија Хумениук рече дека експлозиите би можеле да бидат руска провокација.

Од друга страна, „РБЦ Украина“ и „Украинска правда“ објавија дека нападот бил заеднички планиран од Службата за безбедност на Украина (СБУ) и украинската морнарица и дека во нападот биле вклучени беспилотни летала.

Путин го нарече нападот „терористички чин“ и најави одговор

Русија ќе одговори на нападот врз мостот на полуостровот Крим, порача претседателот Владимир Путин откако поради експлозија втор пат за помалку од една година мостот беше повторно затворен.

„Тоа што се случи е уште еден терористички чин на режимот во Киев. Ова е безмислен криминал од воена гледна точка, нема никакво значење, бидејќи Кримскиот мост веќе долго време не се користи за воен транспорт. Секако, ќе има одговор од Русија. Министерството за одбрана веќе подготвува релевантни предлози“, рече рускиот претседател.

Зборувајќи по состанокот со локалните власти по експлозијата, Путин изјави и дека очекува конкретни предлози за зголемување на безбедноста на оваа важна инфраструктура.

За Зеленски мостот носи војна, а не мир

Украинскиот претседател Володомир Зеленски за време на обраќањето преку видео врска на безбедносната конференција во Аспен, САД (22.07.2023) негираше каква било поврзаност помеѓу нападот на мостот во понеделникот (17.07.2023) и повлекувањето на Русија од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа. Зеленски истакна дека Русија од самиот почеток се меша во работата на коридорот за жито.

„Подоцна ја презедоа оваа ситуација околу мостот на Крим, користејќи ја само како изговор. Да не беше тоа, ќе најдеа друг пример, друга причина“, рече Зеленски.

Мостот што го поврзува Кримскиот Полуостров со Русија „носи војна, а не мир“, рече украинскиот претседател и додаде, дека токму затоа е легитимна воена цел.

„За нас ова е разбирливо непријателски објект изграден против меѓународното право и сите важечки норми. Значи, разбирливо, мостот е легитимна цел за нас. А целта што ни носи војна, а не мир, мора да се неутрализира“, нагласи Зеленски.

Кој е одговорен за последниот нападот на мостот Керч останува неразјаснето

Откако Москва ја нападна Украина минатата година, мостот стана главна рута за снабдување на руските сили испраќајќи сили од Крим да го заземат најголемиот дел од јужниот украински регион Керсон и дел од соседната провинција Запорожје.

Зеленски останува на ставот дека тоа е рутата што ја користи руската армија за снабдување со муниција во војната со Украина и дека Москва го милитаризирала полуостровот Крим.

Но, руската страна ги негира овие информации и тврди дека преку мостот не поминуваат камиони со воена поддршка за полуостровот.

Првиот напад на мостот на Крим- задоцнето признание на Киев

Утрото на 8 октомври минатата година одекна експлозија на Кримскиот мост. По експлозијата на камион се запалија седум цистерни со гориво од возот што се движеше по железничкиот дел од мостот. Како последица на тоа делумно се урнаа два коловозни ленти, но столбовите на мостот не беа оштетени. Во инцидентот загинаа четири лица.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека Киев, колку што е запознат, не го наредил терористичкиот напад на мостот на Крим.

„Ние дефинитивно не нарачавме такво нешто, колку што знам“, рече Зеленски во интервју за канадската ТВ мрежа „Си-Ти-Ви“.

А рускиот претседател Владимир Путин изјави дека зад нападот стојат украински специјални служби. Тој ја нарече експлозијата „терористички напад“ и нареди бран одмазднички напади врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Директорот на рускиот истражен комитет, Александар Бастрикин, инцидентот на Кримскиот мост го нарече терористички напад, нагласувајќи дека зад него стојат украинските разузнавачки агенции.

Експлозивот употребен на мостот на Крим бил испратен од Одеса преку Бугарија, Грузија и Ерменија, тврдеше руската Федерална служба за безбедност, пренесе агенцијата БТА. Како организатор на експлозијата, посочен беше шефот на украинското воено разузнавање Кирил Буданов.

Но, во август годинава, шефот на украинската служба за безбедност, Василиј Маљук во интервју за украинскиот весник „Ново време“ изјави дека бил вклучен во развојот и спроведување на операцијата на мостот на Крим заедно со уште двајца доверливи соработници. Според него постоеле повеќе варијанти но, тие се одлучиле за варијантата со камион и експлозив.

„Важно беше камуфлираниот експлозив да помине од точка А до точка Б и секако да помине преку мостот на Крим“, изјави Маљук.

Ова јавно признание на Маљук, кое стигна дури десет месеци по нападот кореспондира со обвинувањата на Руската федерална служба за безбедност дека Украина е одговорна за нападот.

Неколку месеци подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски не толку директно потврди дека неговата земја е одговорна за нападот, наведувајќи го уништувањето на мостот како еден од „успесите“ на неговата војска во 2022 година.

Петмина државјани на Русија, тројца државјани на Украина и на Ерменија се приведени поради учество во експлозијата, која Москва ја окарактеризира како терористички чин, информираше Интерфакс.

Анексијата на Крим и изградбата на мостот

Руската армија го окупираше полуостровот на Црното Море во 2014 година, кога Украина беше ранлива на промена на власта и не можеше да пружи отпор. После тоа се одржа меѓународно непризнаен референдум и Крим беше припоен кон Русија.

Мостот долг 19 километри поминува преку теснецот Керч и е единствена врска меѓу Русија и полуостровот Крим.

На него има двојни сообраќајници во двата правци и железничка линија, а под него минуваат бродови меѓу Црното Море и помалото Азовско Море.

Мостот е пуштен во употреба 2018 година, а го градеше компанија во сопственост на Аркадиј Ротенберг, близок соработник и поранешен партнер на Путин во џудо. Изградбата на мостот  чинеше 3,6 милијарди долари.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во војна кој нарачува лажни анктети, а кој лажни документи

Дејан Дејан

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на пропагандата од груевизмот, опозицијата најави тужба за клевета за лажни вести со фалц документи презентирани од владеачката партија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе