Вести Свет Топ вести

Зеленски го смени Резников, украинското Министерство за одбрана доверено на Умеров, Путин го пречека Ердоган во Сочи

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников поднесе оставка до парламентот, ден по најавата на претседателот Зеленски за негова смена. Со ресорот во наредниот период ќе раководи Рустем Умеров, пратеник од редовите на кримските Татари и досегашен шеф на украинската Агенција за приватизација. Пред заминување од функцијата, Резников објави дека Украина дневно троши 100 милиони долари на воени операции. Светските медиуми наведуваат дека смената во украинското министерство за одрбана доаѓа по неколкуте коруптивни скандали од почетокот на руската инвазија во февруари лани.

За време на мандатот на Резников, украинското министерство за одбрана во јануари беше обвинето оти набавувало основни намирници за војската по напумпани цени. Медиумите во Украина минатиот месец обелоденија и договор со турска компанија за купување на зимска гардероба за војската во вредност од 33 милиони долари која, впрочем, била летна, а бројот на јакни наводно бил зголемен за трипати додека пратката била на пат кон Украина. Резников негираше вмешаност во овие и други скандали, тврдејќи дека против него се води медиумска кампања.           

Претседателот на САД, Џо Бајден, чија земја е најголем донатор на Украина во војната со Русија, не сакаше јавно да даде коментар за смената во украинското министерство за одбрана, освен што кусо одговори дека е разочаран.

Покрај одлуката за смена на Резников, Зеленски објави дека склучил договор со францускиот претседател, Емануел Макрон за обука на украински пилоти во Франција за што планови веќе најавија Холандија и Данска.

Русија во текот на ноќта изведе воздушни напади врз едно од главните украински пристаништа за извоз на жито. Нападите врз пристаништето Измаил на Дунав се случија на неколку часа пред разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во Сочи. Покрај напорите на Ердоган да го убеди неговиот домаќин за враќање на Русија во црноморската Иницијатива за извоз на украинско жито, двајцата лидери ќе разговараат и за неколку билатерални, но и меѓународни прашања, како и за ситуациите во Сирија и во Украина.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе