Вести Македонија Топ вести

САД и ЕУ очекуваат поддршка за уставните измени

Соодносот на силите за и против уставните измени останува непроменет. Паралелно, Брисел и Вашингтон охрабруваат почнатиот процес да заврши успешно, бидејќи местото на Македонија е во Европската унија (ЕУ).

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен по средбата со премиерот Ковачевски, испрати порака преку социјалните мрежи. 

„Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравувам поднесувањето на уставните амандмани од неговата Влада во Парламентот. Се надевам дека сите партии ќе го поддржат за да се продолжи придвижувањето на Северна Македонија на европскиот пат. Северна Македонија припаѓа во ЕУ“, вели Урсула фон дер Лајен.

Од Соединетите американски држави доаѓаат нови пораки дека е време да се носат тешки одлуки. Американската амбасадорка Агелер испраќа охрабрување и за политичарите и за граѓаните.

„Кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во оваа земја ќе работат кон остварување на тоа. Границата со Грција нè потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи. Знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“, порача Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Македонија. 

СДСМ и денеска повика да не се откажуваме од европската агенда. Најавува дека ќе стори се за државата да стане членка на ЕУ со заштитен македонски идентитет и покрај блокадите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

„Имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса ние сметаме дека е исклучително важно – сега да ја искористиме. Во спротивно, ќе ги видиме Албанија и Црна Гора како напредуваат кон ЕУ, како и целиот регион, а ние ќе сме оставени со Босна и Косово, кои имаат нерешени прашања, што не е добро“, изјави Дарко Каевски од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта е делегитимирана не само во однос на уставните измени туку и во економијата, образованието, правдата и стопанството. Бараат брзи избори.

„СДСМ уште го тврди она за што лажеше една година и за што Македонија удри во ѕид. На крајот од денот, не е повеќе важно што мисли СДСМ бидејќи тие се комплетно делегитимирани“, изјави Марија Митева од ВМРО ДПМНЕ.

Ако не се донесат уставните измени, ќе се отвори Пандорината кутија, предупредува Алијанса за Албанците. Лидерот Таравари верува дека во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници кои размислуваат поинаку.

„Знам за неколкумина таму коишто мислат поинаку отколку актуелното раководство, меѓутоа повторно би кажал дека тоа е одлука на партијата, дали некои пратеници би гласале поинаку тоа не и сакам да влегувам во такви шпекулации. Но дека има мислење спротивно од тоа што го кажуваат на прес конференции и јавно, постои дефинитивно во ВМРО ДПМНЕ; меѓутоа, јас мислам дека постојат шанси и целата партија некако, со нови услови, да одлучат поинаку во претстојниот период“, истакна Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.

Пред четири дена, Собранието ја заврши расправата за предлогот за отварање на Уставот. Во ситуација кога расположението на пратениците не ветува двотретинска поддршка, гласањето беше одложено. ВМРО-ДПМНЕ, без која уставните измени нема да поминат, синоќа во партиските тела уште еднаш донесе одлука да не гласа за овој предлог на Владата.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Ахмети, ги обвини СДМ и ВМРО-ДПМНЕ за прегласувањето во седумте избирачки места

Дејан Дејан

Финансиските пазари пред нови предизвици, ќе дојде ли времето на евтин пристап до финансии?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе