Вести Македонија Топ вести

Стадионот во Тетово само за Шкендија – Тетекс, Љуботен и ЖФК Љуботен препознаваат етнички клуч во одлуката на Општината

Тетово отсекогаш имал прволигаши, дури и во Југославија, а во еден момент во македонската прва лига имаше дури три прволигашки тимови. Најфудбалскиот град во државата сега има два стадиона и еден прволигаш, но најспорното е што општината одлучи на стадионите да игра само Шкендија во Прва лига, а нисколигашите Тетекс и Љуботен и женскиот тим на Љуботен, општината ги испрати да играат и да тренираат на синтетичка трева, на терен изграден од Агенцијата за млади и спорт. Граѓаните сметаат дека фудбал треба да се игра на стадиони, а не на игралишта и поделбата да не се прави по лигашки статус.

Од друга страна, клубот Тетекс, пак, препознава етнички клуч во одлуката Шкендија да остане и да игра на стадионот во Тетово, а Тетекс и Љуботен да бидат исклучени од таа можност. Тетекс се заблагодари на поддршката која добиваат во јавноста и тврдат дека иако имало обиди, договор со општината не е постигнат. Сега Тетекс ќе има простории на стадионот, но не и пристап до зелениот терен.

„Се запрашуваме, дали во 21-от век е нормално само поради тоа што сме Македонци кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева? – Низ историјата, без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиона. Денеска, наместо да се работи на што поголема кохезија, кога е спортот во прашање, очигледно некои работат на тоа македонските клубови да се дестабилизираат и дефоксуираат од целта“, се вели во соопштението на ФК Тетекс. 

Општината, пак, тврди дека изборот е донесен врз основа на квалитет и лигашки статус и секогаш постапувале одговорно кога е по прашање соживотот. Од општината велат дека така било и договорено со клубовите кои сега се бунат.

„Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига на Северна Македонија и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како на пример полуфинале и финале во Купот на Македонија. За екипите кои настапуваат во пониските лиги, општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари“, соопштуваат од Општина Тетово. 

Општината најавува модернизација на градскиот стадион, но исто така ветува дека ќе вложува и во игралишта за сите клубови во пониски лиги. Но, клубовите Тетекс и Љуботен не отстапуваат и бараат веднаш да им биде овозможено да играат и тренираат на тетовските стадиони.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе