Вести Македонија Топ вести

Фабрика за марихуана во Врапчиште имала дозвола, ама немало струја, а протеран албански државјанин се грижел за поле со канабис на отворено- МВР најде огромни пропусти на 3 локации

Полицијата соопшти дека извршила вонредни надзори на три локации (2 во Врапчиште-гостиварско и 1 во Скопје) каде со дозвола работеле фабрики за одгледување на канабис за медицински цели и кај сите три правни лица нашле огромни пропусти и неправилности поради што бара МВР бра да им се одземат лиценците и одобренијата.

Најмногу прекршоци се откриени во фарма за канабис во Врапчиште. Таму, инспекторите прво ги дочекало отворено поле засадено со канабис и опколено со зелена мрежа наместо законски предвидена висока ограда со бодликава жица. Одобрувањата се издаваат за одгледување на марихуана во затворен простор, а не на отворено поле каде имало 2746 стебла канабис.

Покрај тоа, објектот немал ниту струја, ниту обезбедување, а на списокот таа фирма во Врапчиште имала двајца пријавени работници кои не биле во објектот. За полето со марихуана се грижеле двајца кои не се вработени во фирмата, а едниот од нив бил веќе претходно протеран албански државјанин кој се обидел да избега. Полицијата го фатила.

Во оваа канабис фарма во Врапшиште во „магацинот за готов производ, т.н. СЕФ-соба биле пронајдени 327,3 килограми сув цвет спакуван во алуминиумски вреќи, што е спротивно на член 29-Ѓ од Закон за контрола на опојна дрога и психотропни супстанции, а според официјалното Известување доставено до Министерство за здравство, дополнително бил констатиран вишок од 23,3 килограми сув цвет од канабис“.

МВР поради сите прекршоци ќе поднесе соодветни кривични и прекршочни пријави, а дополнително од надлежната комисија во Министерството за здравство се бара да биде одземена лиценцата на овој нерегулиран погон за марихуана за медицински цели. МВР објави и видео од надзорот и откриените пропусти.

Во петокот и во четвртокот МВР извршило и надзор во една скопска и една во Врапшиште фабрика за марихуана за медицински цели и утврдиле големи пропусти со обезбедувањето и со вработените лица, поради што и за двете фирми е побарано да им бидат одземени одобренијата (лиценците) за одгледување на марихуана за медицински цели.

Во изминатите неколку години имаше повеќе незаконски постапувања, кражби, но и тешки кривични дела поврзани со фабриките за марихуана. Се изнесуваше цветот од канабис, се организираа шверцерски групи заедно со полицајци кои правеа конвои за транспорт на марихуана кон странство, беа украдени полни камиони со марихуана, од фабрика во стечај беше украдено масло од канабис во вредност од неколку милиони евра- и најголем дел од овие кривични дела останаа нерешени.

Во продолжение целосното соопштение на МВР, а потоа и линк до емисијата КОД со истражување за нерегуларностите во фабриките за марихуана, ко во Македонија ги има над 60, додека во европските земји се издаваат лиценци на две до три компании за производство на марихуана за медицински цели.

Соопштение на МВР:

На 11.08.2023 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, во координација со претставници од Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели и во содејство со полициски службеници од ОВР Гостивар беше извршена вонредна контрола и претрес врз основа на наредба издадена од Основен суд Гостивар во правно лице во село Врапчиште, гостиварско, кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.

Од извршената вонредна контрола и претресот беа констатирани голем број на неправилности, односно дека во правното лице не се исполнети барањата за обезбедување и надзор, а оградата и бриновиот елемент биле оштетени. Покрај ова, објектот е без електрична енергија, а од проверките во Агенцијата за вработување евидентирани се само две вработени лица, кои не биле затекнати на местото, наспроти двете затекнати лица, албански државјани, кои не биле вработени во правното лице, од кои едното има забрана за влез во државата и при доаѓање во објектот тоа се дава во бегство, но набргу било пронајдено и приведено.

Во магацинот за готов производ, т.н. СЕФ-соба биле пронајдени 327,3 килограми сув цвет спакуван во алуминиумски вреќи, што е спротивно на член 29-Ѓ од Закон за контрола на опојна дрога и психотропни супстанции, а според официјалното Известување доставено до Министерство за здравство, дополнително бил констатиран вишок од 23,3 килограми сув цвет од канабис. Исто така, затекнати биле 2.746 растенија од канабис кои се одгледуваат во надворешниот простор на правното лице, спротивно на предвидените услови. Сите пронајдени стебла од канабис и сув цвет од канабис по насоки на Јавен обвинител при ОЈО Гостивар, во текот на денешниот ден (12.08.2023) се одземени, а по комплетирање на целокупната документација од страна на ОВР Гостивар до ОЈО Гостивар против правното лице и против одговорното лице ќе биде поднесена соодветна кривична пријава согласно Законот за контрола на опојни дроги. Исто така, од страна на Комисијата ќе биде поднесен предлог за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели.

Истиот ден (11.08.2023) полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога во рамки на Одделот за криминалистичка полиција во координација со Комисија за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели извршија редовна контрола во уште едно правно лице во с.Врапчиште, гостиварско кое, исто така, поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. Од извршената контрола биле констатирани неправилности во однос на обезбедување на објектот и во делот на вработени лица, поради што од страна на Комисијата ќе биде поднесен предлог за одземање на Одобрението за одгледување канабис за медицински цели.

Претходниот ден, пак, (10.08.2023) од страна на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција во координација со претставници на Комисијата за оценување на исполнетост на условите беше извршена уште една редовна контрола, овој пат во правно лице од Скопје, кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, при што, исто така, биле констатирани неправилности во делот на обезбедувањето на просторот и вработените и ќе биде поднесен предлог за одземање на одобрението.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе