Вести Македонија Топ вести

Да одговараат сите кои учествувале во носењето на ДУП-от со бензинската на Пуцко петрол, бара Антикорупциска која поради злоупотребите предлага распуштање на советот во Карпош

Државната комисија за спречување корупција во случајот на ДУП за Градска четврт 304 на Општина Карпош утврди сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластувања и поткуп. Според она што го откриле,  сметаат дека планот е донесен спротивно на ГУП-от и дека постојат траги на корупција пред да биде вцртана маркица за бензинска пумпа којашто парцела ја купи Пуцко петрол.

Парцелата се наоѓа во близина на салата Борис Трајковски, на паркингот меѓу базенот Карпош и хотелот Александар Палас.

Комисијата ќе достави иницијатива до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на Деталниот урбанистички план кој го опфаќа просторот помеѓу булеварите Илинден, 8 Септември, реката Вардар и улица Љубљанска, од неговото прво усвојување, до неговото укинување по втор пат од Уставен суд на РСМ.

Покрај ова ДКСК до Министерство за локална самоуправа ќе достави претставка за понатамошно постапување и распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно со член 75 од Законот за локалната самоуправа.

Откриени се и нелегални кредитни активности.

 

 

За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива, ќе се достават претставки до надлежните државни органи и институции – соопштуваат од Антикорупциска комисија.

Предметот бил оформен во март минатата година врз основа на поднесена пријава од непознат подносител, за сомнежи за неуставно и незаконски донесен ДУП за коруптивни цели од страна на Советот на Општина Карпош и градоначалникот Стефчo Јакимовски. Покрај тоа, како што било наведено во пријавата, овој ДУП не бил во согласност со ГУП на Град Скопје, дека еднаш бил укинат со одлука на Уставен суд на РСМ, дека плацот бил предвиден за градба на други објекти за друга намена, дека не можело да се врши пренамена на плацот во бензинска станица.

Сепак земјиштето билo продадено на „Пуцко Петрол“ ДООЕЛ Општина Пласница, кој не добил одобрение за градење во законски предвидениот рок.

Наведено е дека како последица на ваквото коруптивно дејство, „Пуцко Петрол“ ДООЕЛ Општина Пласница добил пресуда од Основен граѓански суд Скопје во негова корист, со која Општина Карпош била задолжена да исплати штета во поголем износ без основ, дека судијата кој работел на предметот ја донел таа одлука не работел чесно и стручно, дека не се следеле насоки од Апелационен суд Скопје, да се изврши супервештачење за штетата, со оглед дека еднаш донесената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување и одлучување. Истакнато е дека и за вториот ДУП Уставниот суд на РСМ повел постапка за негово преиспитување и ја запрел неговата примена во правниот промет – се вели во образложението од ДКСК за поднесената пријава.

По увидот во содржината на пријавата, ДКСК побарала податоци, информации и документација од сите надлежни засегнати и инволвирани страни во овој случај.

Врз основа на сето тоа Антикорупциска утврдила дека за овој простор се донесени два идентични ДУП-ови, кои не се усогласени со ГУП на Град Скопје, но дека не може со сигурност да се верификува потребата за изградба на бензинска станица.

Утврдено е и дека во времето на продажбата на спорната градежна парцела на неа немало изградено гасовод. Градбата е извршена врз основа на издадено одобрение за градба во времето на продажбата на парцелата, издадена од Општина Карпош. Притоа, не е спроведена стратегиска оцена за влијанието на животната средина.

ДКСК утврдила дека Уставниот суд го укинал првиот ДУП поради процесни пропусти – немање доказ за објавување на одлука за неспроведување стратегиска оцена за влијанието врз животната средина. Утврдила и дека на парцелата била исцртана маркица за градба на бензинска станица, но не била исцртана градската гасоводна мрежа.

Градежната парцела му била продадена на „Пуцко Петрол“, но фирмата не успеала да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинска станица. Поради укинувањето на првиот ДУП покренат бил судски спор за надомест на штета.

– Барано е надомест на изгубена добивка, со примена на динамичка метода, иако бензинската станица не била изградена. Во текот на судскиот спор, од страна на Општина Карпош иако требало да достави вештачење за причинско-последичната врска помеѓу штетниот настан и изгубената добивка, ова вештачење било доставено со задоцнување од неколку дена. Првостепениот суд во два наврати носи пресуда во корист на „Пуцко Петрол“ ДООЕЛ Општина Планица. Апелационен суд Скопје во два наврати има донесено две суштински различни одлуки од оние на првостепениот суд – информираат од ДКСК, откаде наведуваат дека и вториот ДУП кој бил донесен за да придонесе во разрешување на судскиот спор, бил донесен без да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.

Антикорупционерите врз основа на анализата на кредитната историја на „Пуцко Петрол“ идентификувале сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација.

Уставниот суд уште еднаш го поништи ДУП-от, а фирмата Пуцко Петрол претходно поцторно го тужеше Карпош, а предметот стигна до Врховниот суд.

Минатата година оваа зделка беше дел од истражување во емисијата КОД, во чии рамки беше откриено дека сличен рецепт се применува и за имот на Трансмет кој е конфискуван од државата, но потоа преку судски одлуки префрлен на Пуцко петрол.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе