Вести Свет

Брнабиќ: Изборите во Косово во недела се „последниот самрак на демократијата“

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска оцени дека локалните избори што ќе се одржат во недела во четири општини на северот на Косово се „последниот самрак на демократијата“.

Изборите се последниот самрак на демократијата и привид на владеење на правото на територијата на Косово од кога е водено од привремени институции во Приштина, со сесрдна помош на меѓународната заедница. Дури и малку сум среќна, бидејќи тоа е конечно крајот на шарадата што ја гледаме неколку години наназад, им рече Брнабиќ на новинарите во Даблин, на прашањето како ги коментира изборите што се одржуваат во недела на северот на Косово, населен со мнозинство срби.

Брнабиќ, истакна дека на изборите учествуваат помалку од два отсто од населението и дека тоа се случува неколку дена по десетгодишнината од потпишувањето на Бриселскиот договор, како прв договор за нормализација на односите, од кој Приштина, како што рече, не исполни ниту еден збор.

ЕУ со својот потпис го гарантираше исполнувањето на точките од Бриселскиот договор, а од почетокот на минатата година Приштина директно ги крши и ги ускратува основните права на Србите на Косово и Метохија, на кои меѓународната заедница и ЕУ како гарант и сега уште молчат и даваат изјава за медиумите, рече Брнабиќ.

Осврнувајќи се на изјавата на американскиот специјален пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Габриел Ескобар дека на 2 мај ќе се формира Заедница на српски општини, таа рече дека истото било кажано и во декември, јануари, а сега е мај, и да, како што рече, тоа нема да се случи ни на следната средба во Брисел.

Таа објасни дека секогаш кога велат дека ЗСО треба да се формира во согласност со косовскиот устав, тоа не е ЗСО што е гарантирано со Бриселскиот договор, туку тоа е некоја друга организација што меѓународната заедница сака да ја создаде со Приштина, но тоа не е ЗСО.

ЗСО е договорена со Бриселскиот договор во 2013 година и понатамошните акти, вклучително и договорот од 2015 година, во кој се наведува кои се овластувањата на ЗСО. Тие нема да ја формираат, ако сакаа, ЗСО ќе беше формирана пред десет години, рече Брнабиќ и додаде дека тоа е една од причините зошто ЕУ опаѓа по популарноста во Србија, бидејќи „никој повеќе не верува во европските вредности“.

Таа го повтори апелот на претседателот Вучиќ, Србите во Косово да останат смирени, да го покажат лицемерието на Приштина во свое светло и до каде е дојдена „квазидемократијата“ што ја оправдуваат ЕУ и САД.

Србите достоинствено гледаа, го чекаа владеењето на правото и демократијата, реакцијата на меѓународната заедница и еве што дочекаа, Приштина и меѓународната заедница нека ја слават неделата како празник што заеднички го наследуваат, заклучи Брнабиќ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе