Вести Македонија Топ вести

Непоправлива штета врз угледот на лекарите и памет за другпат – стручната јавност за случајот со ТикТок анестезиологот

Стручната јавност остро го осуди анестезиологот од тетовската болница. По Лекарската комора од каде што покренаа постапка за одземање на лиценцата на 43-годишниот лекар, пристигнуваат и индивидуални осуди од колеги и од фелата. Прекршени се етички норми, закони, начела во медицината и затоа прво казна, а потоа и превенција – вака професорот Стојан Бајрактаров од Клиниката за психијатрија го коментира скандалот.

„Според мене, во овој случај има прекршување на етички норми, на закони, има прекршување на законите за права на пациентите, за информации, така што тоа сигурно е еден показател за целото општество и негативното влијание на социјалните мрежи. Не знам кој би го оправдал тоа. Такво нешто е за крајна осуда и најпрво треба да биде санкционирано, а потоа и да не биде повеќе дозволиво“, изјави проф. д-р Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија.

Социјалните мрежи се интересен феномен и со себе носат бројни придобивки, но и ризици. Според комуниколозите, морето од содржини е тешко да се исфилтрира. Но, овој скандал со снимање на пациентки на одделението за гинекологија додека примаат лекарска нега, може да помогне за да се спречат ваквите појави во иднина.

„Ваквите проблесоци или поединци коишто прават негативни работи ги имало и ќе ги има. Предноста во дигиталниот свет е што сега можеме да ги видиме, да ги спречиме од понатамошни негативни дејствија и да превенираме други луѓе да го направат тоа. Инаку, желбата да се биде популарна личност постоела отсекогаш, но денес социјалните медиуми ја нудат многу брзо. Ние не треба да дозволиме, а тоа зависи од институциите, такво нешто да стане пракса во негативната смисла на зборот. Попрво, треба да ги промовираме младите луѓе и нивните постапки коишто се во изобилие“, изјави комуникологот Бојан Кордалов. 

Тетовското обвинителство го товари за кривичните дела: несовесно постапување во службата и неовластено снимање, тетовскиот суд му одреди притвор, а Судот на честа при Лекарската комора ќе одлучува на колку време ќе му биде одземена лиценцата. Анестезиологот може и трајно да остане без неа, ако има судска пресуда против него.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе