Вести Свет Топ вести

Синдикатите најавија масовни протести на 1-ви Мај во Франција – бараат Макрон да ја повлече контроверзната реформа на пензискиот систем

Момент на триумф за конзервативниот шеф на француската држава. Ниту повеќемесечните масовни протести на синдикатите, ниту резултатите од сите испитувања на јавното мислење не го поколебаа Макрон во обидот да го протурка својот закон за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Откако уставниот суд синоќа го одобри непопуларниот закон, францускиот претседател неколку часа подоцна и го потпиша.

Уставниот Суд ги одби повиците од опозицијата за референдум за законот – но поништи и некои од одредбите содржани во него, оценувајќи ги како незаконски.

По одлуката на Уставниот суд, демонстрантите излегоа на улиците на Париз, каде беа растерани од полицајците а најмалку 112 луѓе беа уапсени.

Повлечи го законот, му порачуваат работниците на Макрон, затоа што во цела држава само ти го сакаш, цитирајќи ги буквално сите анкети кои покажуваат дека мнозинството испитаници се против неговиот план.

„Кога сте претседател на земја, тоа значи многу. Тој мора да го слушне и разбере „духот на согласноста“, како што самиот рече. Смирувањето на земјата е во негови раце. Разбираме дека тој ја посакуваше оваа реформа, но мора да разбере дека тој е единствениот во целата земја кој ја посакува оваа реформа“ – вели Софи Бине, генерален секретар на синдикатот ЦГТ.

Но не се демонстрира само во Париз, масовни протести има и во градовите Марсеј, Лион, Нант и Рен, буквално низ целата држава.

Во државата чие револуционерно мото кое и натаму опстојува се зборовите „слобода, братство и еднаквост“ – работниците не прифаќаат дека ова е единствен начин да се пополни буџетската дупка во пензискиот фонд.

Оданочи ги мулти-милијардерите, твоите донатори, го советуваат синдикатите десничарот Макрон, најавувајќи досега незапаметени протести во државата на 1-ви мај, денот на трудот.

„Синдикатите повикаа на историски демонстрации за 1-ви мај. Ова е прв пат сите синдикални организации да ги повикаат работниците да демонстрираат на 1-ви мај. Затоа ова ќе биде масовен, без преседан, исклучително голем бран протести. Го повикуваме работниците да го запаметат ово ден и да дојдат, заедно со своите колеги, соседи, семејства и деца. Ова ќе биде славенички собир и ќе биде значајно. Демонстрациите на 1-ви мај, мора да ни овозможат не само да обезбедиме повлекување на пензиските реформи, туку на агендата да ги ставиме и перспективите за напредок, затоа што неопходно е и платите да растат во оваа земја“ –додава Бине.

Макрон тврдоглаво ја протурка својата ткн реформа на пензискиот систем и покрај фактот дека во некои анкети дури 70 % од граѓаните ја отфрлија како погрешна.

Но со најавите за продолжување и засилување на протестите, ситуацијата е далеку од стабилна и нејзиниот расплет се уште не може да се предвиди со сигурност.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе