Вести Свет

После 100 години САД повторно се соочуваат со истата дилема – Дали затвореник може да стане претседател на државата

„Затвореник број 9653 за претседател“ и Доналд Трамп имаат многу заедничко, иако се на тотално спротивни страни на политичкиот спектар, а помеѓу нив стои и цел еден век.

Првиот судски процес за кривична одговорност за еден поранешен претседател на САД, и трите други истраги кои во моментов се водат против Трамп, нема да го поколебаат во намерата повторно да се кандидира за претседател на САД. Во исто време ја отвараат и 100 години старата дилема, дали осуденик може да стане претседател на САД?

Ако Трамп се најде во таа ситуација, да биде претседателски кандидат и да ја води кампањата од затвор, ќе ги следи чекорите на друг популист, иако социјалист, и чест претседателски кандидат Јуџин Дебс.

Тоа што Дебс во американската историја е запаметен во релативно лошо светло, се должи на американската аверзија кон социјализмот, а не затоа што тој бил некаков левичарски радикал. Напротив, целиот свој професионален живот Дебс го посветил на американскиот работник, и жестоко се борел за синдикалните права во САД.

Почитуван суде, пред многу години јас сфтив дека сум во сродство со сите живи суштества, и одлучив дека не сум ништо подобар од најлошиот меѓу нив на земјава. Реков тогаш, а повторувам и сега, се додека постои ниска класа, јас ќе бидам дел од неа, се додека има криминален елемент, јас ќе бидам дел од него, и се додека има некој во затвор, јас нема да бидам слободен, рекол Дебс за време на судењето во 1918 година.

Дебс бил кандидат на претседателските избори во 1920 година додека ја отслужувал 10 годишната затворска казна за организирање бунт, откако две години претходно за време на говор во Охајо ги повикал Американците да ја бојкотираат мобилизацијата за време на Првата светска војна. Кампањата ја водела неговата партија, Социјалистичката партија на Америка, а еден од слоганите кои ги користеле бил „Затвореник број 9653 за претседател“ со фотографија од процесуирањето на Дебс, обидувајќи се да ја искористат популарноста која ја добил со осудувањето и затворската казна. На изборите во 1920, од затвор Дебс успеал да освои речиси 1 милион гласови, или безмалку 3 проценти од вкупниот број гласови. Респектибилен резултат за еден предавник на државата, како што го нарекол тогашниот американски претседател Вудро Вилсон.

Трамп е далеку попоуларен и има многу поголема подршка од Дебс, поради што постои реална можност и да победи на изборите. И доколку некоја од истрагите кои се водат против него заврши со обвинение, пресуда и затворска казна, а тој повторно стане претседател, нема да биде изненадување дека веднаш откако ќе стапи на функцијата ќе се помилува самиот себеси, исто како што и самиот Дебс најавил дека ќе направи доколку победел на изборите пред 100 години.

Правниците во Америка се согласни дека во Уставот и законите не постои ништо што го спречува еден поранешен осуденик, или затвореник да се кандидира на претседателски избори. Условите протишани во самиот Устав се прилично минимални. Кандидатот треба да има најмалку 35 години, да биде американски државјанин од раѓање и да живеел во САД најмалку 14 години.

За време на судењето на Дебс во 1918 година, неговата одбрана не повикала ниту еден сведок, туку тој побарал да му биде дозволено да му се обрати на судот. Барањето било одобрено и Дебс зборувал 2 часа, во текот на кои свесно го признал делото за кое бил обвинет.

Обвинет сум за попречување на воените напори. Признавам. Господа, јас ја презирам војната. Јас ќе ѝ се спротивставувам на војната, дури и ако сум единствениот, му порачал на судот Дебс, за време на судењето.

Не е изненадување што целиот процес траел кратко и Дебс бил веднаш осуден, имајќи во предвид дека свесно го признал тоа за што го обвинуваат. И тука лежи најважната разлика помеѓу Јуџин Дебс и Доналд Трамп. Додека едниот отишол во затвор затоа што цврсто ги застапувал своите морални принципи, досегашната историја на Трамп сугерира дека од него не може да се очекува нешто такво.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе