Вести Свет

Русија започна вежби со интерконтинентални балистички ракети

Русија започна воени вежби со својот интерконтинентален балистички ракетен систем „Јарс“ и неколку илјади војници, соопшти денеска руското Министерство за одбранa.

Плановите на рускиот претседател Владимир Путин се ракетниот систем „Јарс“, кој го замени системот „Топол“, да стане дел од руското „непобедливо оружје“ и главен столб на копнената компонента на нејзиниот нуклеарен арсенал.

„Повеќе од 3 000 воен персонал и околу 300 парчиња опрема се вклучени во вежбите“,

се вели во соопштението на Министерството за одбрана објавено на Телеграм.

Вежбите, како што се наведува, вклучуваат сеопфатна контролна проверка на стратегиските сили на ракетната формација „Омск“ заедно со командно-штабната вежба со ракетната формација „Новосибирск“ опремена со системите „Јарс“.

За време на вежбите мобилните системи „Јарс“ ќе вршат маневри во три руски региони, соопшти Министерството, без да соопшти за кои региони станува збор.

 „Исто така, стратегиските ракетни единици во соработка со формациите и единиците на централниот воен округ и воздухопловните сили ќе спроведат низа мерки за камуфлирање и борба против современите средства за воздушно извидување“,

се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Постојат малку потврдени информации за тактичките и техничките карактеристики на мобилните интерконтинентални балистички ракетни системи „Јарс“, за кои се вели дека наводно имаат оперативен дострел од 12 000 километри.

Според воените блогери, системите се способни да носат повеќе нуклеарни боеви глави кои можат да бидат независно насочени и монтирани на носачи на камиони или распоредени во силоси.

Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари минатата година, Русија спроведе многубројни воени вежби, самостојно или со други земји.

Москва, исто така, ги зголеми воените вежби со Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина, спроведувајќи серија сеопфатни вежби во текот на изминатата година.

Белорусија вчера соопшти дека одлучила на нејзина територија да биде распоредено руско тактичко нуклеарно оружје, што претходно го најави претседателот на Русија Владимир Путин, а како одговор на западните санкции и военото засилување од страна на земјите членки на НАТО во близина на нејзините граници.

Американскиот претседател Џо Бајден изрази загриженост поради одлуката, иако Соединетите Држави рекоа дека нема индиции оти Русија е можно да употреба тактичко нуклеарно оружје во Украина.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе