Вести Македонија Најважни

Ковачевски: Антикорупциска нека истражува, но тоа нема ја одложи изградбата на автопатот

Антикорупционерите нека истражуваат ако имаат сомнежи, но тоа нема да ја одложи работата на коридорите 8 и 10Д. Премиерот Ковачевски е дециден на ставот дека автопатот нема да остане заглавен во административности. 108 километри пат на делниците чинат 1,3 милијарди евра – и тоа од Тетово до Кичево, од Струга до Ќафасан и од Прилеп до Битола. Сепак, патниот коридор уште не е нацртан и откриен, не е направена експропријација на трасата и самото тоа покажува дека изградбата ќе чини уште поскапо откако ќе се издвојат околу 300 милиони евра за откуп на приватно земјиште. Во јавноста постојат и сомнежи за сопствеништвото околу шпанската компанија „Ептиса“, која е дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“, а кој ќе го врши надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10 Д. Но, за Владата нема сомнежи и покрај контроверзните детали во портфолијата на фирмите за надзор.

„Во однос на сопственичките структури, можете слободно да се обратите до Централниот регистар, таму е одлично објаснето. Штом имате било какви информации коишто сметате дека за вас се сомнителни, веднаш да ги пријавите во институциите. Да ги пријавите веднаш“, изјави премиерот Димитар Ковачевски. 

Ова е првата страница од тековната состојба на вистински сопственици на компанијата „Ептиса“ која пред три години добила забрана од владата да врши надзор врз градежни проекти во Македонија. Иако вицепремиерот Груби тврдеше дека е сменета сопственоста меѓу 2020-та кога бил изречена состојбата и моментот на добивање на тендерот, на документот кој го издава Централниот регистар се гледа дека немало промена последните 7 години. Сопственик на „Ептиса“ е кинеската компанија ЈСТИ груп која е на таа позиција од 2016-та година. Истите овие документи ќе бидат под лупа и на ДКСК.

„Нормално е Антикорупциската комисија да си ја работи својата работа во делот на тоа за што постојат сомнежи или за што постојат одредени информации до нив. Меѓутоа, тоа не значи дека оваа работа којашто ја има Бехтел и Енка дека ќе биде одложена“, додава Ковачевски. 

За Синдикатот на градежници, договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ е безобразен. Милијарда и 300 милиони евра се даваат на странска компанија, додека домашното градежништво пропаѓа, велат синдикалците.

„Речиси две милијарди евра ќе се одлеат во странски компании и ќе се дадат на странски работници, наспроти 80 милиони евра на домашни компании и домашни работници. Процентите се застрашувачки бидејќи 96% од вкупните пари кои ги плаќаат граѓаните ќе одат кај странски инвеститори и странски работници, наспроти домашните компании коишто се пред ставање клуч на врата и оставање на улица на малкуте работници кои останаа во државата“, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Вториот контроверзен момент околу автопатот е учеството на фирмата „Евро-консалтинг“, каде основач и сопственик е Бранислав Димитријевиќ, бегалец од Ерменија поради финансиски злоупотреби при градба на патишта во оваа поранешна советска република.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, кон крајот на денот локална нестабилност – Временска прогноза за 18.5.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе