Изразено сочувство, тага, дадени наредби и само по некоја трошка за признавање одговорност за смртта на 45-годишниот Благојче Илиевски. Во тонот кој ја опколи трагедијата, на крај двајцата политичари тргнаа и во внатрекоалициска пресметка. Премиерот Ковачевски читајќи изјава напишана на лист, одговори на прашањето кое денеска не можеше да го заобиколи- зошто државата задоцни да го спаси Благојче.
Премиерот прочита и рече дека за смртта е виновна бирократијата која цели 30 години наместо да наоѓа решенија наоѓа изговори за да не ги реши проблемите на граѓаните. Ете така функционира односно не функционира државата, рече Ковачевски кој е премиер и во моментот на смртта на Благојче, токму тој ја предводи бирократијата и е одговорен за функционирање на државата. Призна сите ние имаме одговорност, со „ние“ мислејќи на бирократијата и на крај одговорноста ја префрли на друга адреса.
Сочувство изрази и министерот Сали, преку Фејсбук, но му врати на актуелниот негов шеф дека главните одлуки требало да ги донесе Ковачевски и владата уште кога било побарано од Министерството за здравство пред 20 дена.
- Мислам дека е неодговорно да си ја префрламе одговорноста. Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, јас исто така би можел да одговорам со прашање: дали некој, кој, и покрај барањето на МЗ, не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот. Би можеле да прашуваме и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа. Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика.
Времето се потроши на сметка на трагичниот крај на Благојче, па дури потоа политичарите почнаа да брзаат. Ковачевски рече дека утрово барал, замолувал, а всушност наредувал на институции да го регистрираат лекот Трикафта, да го купат интервентно за најкритичните заболени од цистична фиброза, да се менуваат закони за набавки на лекови и надлежните клиники да се грижат за пациентите. И тоа дури откако соборците на Благојче Илиевски му запалија посмртна свеќа пред владата. Не додека беше жив за да види дека политичарите кои ја водат бирократијата се борат за да може непречено да земе здив и да дише.
Миомир Серафиновиќ