Вести Свет Топ вести

Русија подготвува голема офанзива на годишнината од инвазијата на Украина

Висока европска делегација предводена од претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен и 15 еврокомесари пристигнаа денеска во посета на Киев на разговори со украинските власти, со цел да испратат нова порака за засилување на врските и поддршка во војната против Русија. Утре во Киев ќе се одржи и самит ЕУ – Украина на кој претседателот на Европскиот Совет (ЕС), Шарл Мишел и Володимир Зеленски ќе испратат порака за целосна поддршка на официјален Киев во обидите да се одбрани од руската агресија.

Ова е прв случај, европските лидери да одржат Самит во активна воена зона, во време кога се наближува првата годишнина од почетокот на војната.

Украинските власти стравуваат дека Русија подготвува нова голема офанзива, пред 24 февруари, кога минатата година и започнаа руските напади. Според Олексеј Резников, украински министер за одбрана, официјална Москва мобилизирала околу половина милион војници за потенцијалната офанзива.

Истовремено, и секретарот на украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Олексеј Данилов предупреди дека Русија ја концентрира својата воена моќ во регионот Луганск, подготвувајќи се за максимална ескалација.

Во уште една загрижувачка порака за властите во Киев, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во интервју за руската национална телевизија „Русија 24“ и агенцијата РИА Новости порача дека, иако Русија би сакала борбените дејствија да прекинат, специјалната воена операција во Украина ќе трае се додека тоа е неопходно и ќе се прилагоди на зголемената воена помош од Западот за Украина. 

„Засега, се обидуваме да ја потиснеме артилеријата на украинските вооружени сили на растојание кое нема да претставува закана за нашите територии. Колку поголем досег има оружјето кое се доставува до режимот во Киев, толку подалеку ние ќе треба и да ги потиснеме од териториите кои сега се дел од нашата земја“, порача шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Русија неодамна прогласи и воени успеси на боиштата во источниот регион Донбас, а воените единици напредуваат во обидите за освојување на градот Бахмут, по крвавата битка која траеше со месеци и доведе до огромна загуби на човечки животи, на двете страни.

Минатиот месец, руските војници и припадниците на платеничката група Вагнер го освоија блискиот град Соледар, а според последните информации, целосно е обиколен и градот Бахмут.

Украинците кои добија ветувања од западните сојузници дека ќе им испратат тенкови „Абрамс“ и „Леопард 2“, сега бараат борбени авиони со кои би можеле да се одбранат од воздушни напади.

Во меѓувреме, тројца луѓе ги загубија животите во нападот на градот Краматорск, додека уште 8 лица се ранети, откако руски проектил погодил станбена зграда, во овој град во регионот Доњецк.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе