Претпладнево е извршен вонреден инспекциски надзор на дивоградби во Старата скопска Чаршија.
Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам потврдија дека утрово директорот Фатмир Арифи и надлежни инспектори извршиле надзор по што ќе изготват извештај за постапување. Надзорот е вршен со полициска асистенција, потенцираа од Инспекторатот.
-Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам денес во 10 часот спроведе вонреден инспекциски надзор со придружба на полициски службеници во Стара скопска чаршија врз објекти кои се бесправни а се изградени во заштитено старо градско јадро од култорно наследство во Стара скопска чаршија, соопштија од Инспекторатот.
Станува збор за објекти кои се изградени без дозвола и без конзерваторско мислење кое е задолжително за заштитената скопска чаршија. Објектите биле доградувани и проширувани врз патеки и улички во чаршијата со што е попречувано и движењето во овој културно-историски споменик.
Инспекторатот ќе подготви извештај и ќе преземе дополнителни активности на отстранување на бесправно изградените објекти.