Вести Македонија Топ вести

Помеѓу бетонот и спомените – старо Скопје со лекција за новиот град

Новинарот на Телма, Петар Догов ја прими првата награда за новинарски текст на конкурсот „Есеј за старо Скопје“ што се одржува во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје 2022“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност, со цел – придонес во промоција на Скопје и негување на вредностите на градот. Втората награда ја доби новинарот Борис Грујоски, а третонаградена е новинарката Александра Тодоровиќ.

Скопската калдрма памети. Паметник е на многу датуми, поплави, земјотреси и пожари. Легендите ќе се пренесуваат, приказните ќе се прераскажуваат, а Камениот мост ќе остане да сведочи како Скопје многупати одново се изгради.

Градот денес се шири, еволуира, се менува. Веројатно не ни има град кој толку пати го има изменето својот лик како Скопје, заробен во котлина и заштитен од Водно, Скопска Црна Гора, Китка, Караџица и другите природни џинови кои му чуваат стража од сите страни.

Стариот Офицерски дом, театарот, поштата, уличките низ скопските маала однесени се од виорот на времето, а земјотресот го докрајчил и тоа што останало.

Сега освен околните планини, џиновски се и зградите полни со железо и бетон кои никнуваат како печурки после дожд и го прават старо Скопје само една приказна од историските книги.

„Град на солидарноста“ – Скопје гордо го носи овој епитет. Од темнината на раните шеесетти години, кога многу од куќите и зградите од фотографиите на старо Скопје останале само разурнати парчиња на асфалтот, а под нив стотици и стотици луѓе – жртви на ужасната трагедија предизвикана од природната непогода, главниот град станува симбол на нешто што повторно се раѓа со помошта на пријателите и благодарение на хуманоста и солидарноста на знајните и незнајни добронамерници.

Така порасна градот кој голем дел од нас помладите го доживуваат и преку раскажувањата на родителите и сите повозрасни скопјани. Раскажувањата на сите оние кои во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесетти години ја живееле својата младост на кејот на реката Вардар, во Старата скопска чаршија, низ Дебар Маало – коешто е истото она наше, но сега сепак толку различно.

Ист е само Градскиот парк чиешто формирање започнува пред два века. Оваа зелена оаза покрај цела таа бетонска шума од згради и обележја на новото време, останува главната точка на спојување на многу генерации, дом на многу приказни и чувар на многу скопски тајни.

Туристите коишто го посетуваат главниот град и сега имаат што да видат. Нови згради, многу споменици и стилови, од кои дел не се својствени за ниту еден период од скопската историја.

Секој може да го доживее на свој и оригинален начин. Да ги чуе безбројните легенди прекажани, стотиците песни напишани за градот распослан на двете страни на реката Вардар – дом на различни култури, вери и етникуми.

Град за кој старите скопјани ќе речат дека е единствен и уникатен, едноставен, но со душа.

Едноставен сега ќе остане само во сеќавањата и спомените на оние коишто го паметат Скопје од минатото, пред земјотресот, непосредно по земјотресот и во годините коишто следат.

Но, единствен и уникатен засекогаш ќе биде, за да им пркоси на годините и на времето – како што отсекогаш Скопје тоа го прави.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе